Појавата на антракс не е ништо ново, ниту невообичаено. И досега во земјава болеста била регистрирана. Присутна е тука со децении. Нема потреба да се шири паника и да се сее страв кај граѓаните, а уште помалку да се прави сензација, порача денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов.
Атанасов на прес-конференција нагласи дека нов случај на антракс кај животните нема, а нема ни заразени луѓе. Во селото Долно Строгомиште , општина Зајас, вкупно девет мрши од овци се уништени, спалени и нештетно отстранети. Кај уште четири угинати овци се уште се вршат анализи за потврда на болеста.
Во земјава има 22 т.н. дистрикти во кои антраксот досега бил детектиран. И Долно Строгомиште сега спаѓа во оваа бројка од 22 области каде континурано се преземаат стандардните мерки што, меѓу другото, подразбира и задолжителна вакцинација најмалку 20 години, истакна директорот.
Сепак, и покрај вакцинацијата, додаде, не е исклучена можноста од појава на болеста.
За последниот случај во Долно Строгомиште резултатите од лабораториските анализи беа готови на седми август. Веднаш се излезе на терен и се спроведоа вообичаените мерки. Сакам да потенцирам дека ситуацијата е стандардна, не е ништо вонредно. Не треба да се бара сензација во целата оваа работа. Болеста е присутна тука со децении. Не може за секој откриен случај да излегуваме и да објавуваме. И бруцелоза имаме, исто е зоонозна болест. Секој ден откриваме нови случаи. Секој ден ли треба да излегуваме и да кажуваме, кога се знае дека има бруцелоза?, подвлече Атанасов.
Објасни дека антраксот е бактерија која се пренесува преку спорите. Тие се многу отпорни и во почвата може да преживеат долго време.
Comments are closed for this post.