Претседателот на Светската банка, Американецот со корејско потекло Џим Јонг Ким, најави дека ќе се повлече од функцијата, по што на неговото место привремено ќе дојде Бугарката, Кристалина Георгиева, којашто во моментов ја извршува функцијата главен извршен директор на Светската банка.

Официјално, оставката на Ким Јонг ќе стапи на сила на први февруари.

Одлуката на 59-годишниот Ким Јонг да се повлече од првото место во меѓународната финансиска институција доаѓа неочекувано, затоа што неговата оставка доаѓа на почетокот од неговиот втор мандат, што траеше до 2022 година, а почна во 2017 година.

Чест беше да бидам претседател на оваа извонредна институција, полна со исклучителни поединци посветени на мисијата за искоренување на екстремната сиромаштија – соопшти Ким во изјавата со која го соопшти своето заминување.

Како причина за заминувањето на Ким Јонг, во соопштението се наведува дека тој ќе премине во приватниот сектор и ќе се фокусира на зголемување на инфраструктурните инвестиции во земјите во развој.

Неговата привремена наследничка Георгиева има вкупно 17 години кариера во банкарскиот сектор.