Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествува на Неделата на одржлива енергија, која се одржува во Женева, Швајцарија. Како учесник на две панел-дискусии, министерката даде свој осврт за насоките според кои се имплементира праведната транзиција, како нераскинлив дел од процесот на зелена транзиција на земјите од регионот. Таа, исто така, говореше и на темата за забрзување на енергетската транзиција.
– Задоволна сум што, како земја, повторно имаме можност да учествуваме директно во дискусиите на еден од најреномираните настани за енергетика во Европа. Овој неколкудневен настан ќе ни помогне да го пренесеме нашиот став, како Влада, во врска со сериозните процеси што го очекуваат регионот на патот кон зеленото сценарио, декарбонизацијата и намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид. Вртењето кон обновливите извори на енергија е наш императив и е еден од главните приоритети во годините пред нас. Сигурна сум дека, со колегите од регионот на УНЕЦЕ, ќе имаме исклучителна можност за вмрежување и отворање дискусии за сите предизвици во носечките процеси на енергетска транзиција – изјави Божиновска.
Comments are closed for this post.