Германскиот производувач на автомобили БМВ повлекува околу 1,6 милиони дизел возила во Европа и Азија поради потенцијална опасност од пожар во нивните мотори.

Повлекувањето доаѓа по истрагата на БМВ, со која е откриено дека течноста за ладење на моторот може да истече од единицата за рециркулација на издувните гасови. Дефектот може да доведе до фрлање искри во текот на возењето, а во „екстремни случаи” и да предизвика пожар, соопшти компанијата.

Се повлекуваат возилата со четирицилиндрични и шестцилиндрични мотори, произведени помеѓу 2010 и 2017 година, прецизираа од БМВ.

Компанијата соопшти дека ќе изврши тестирање и по потреба ќе ги замени компонентите.