Министерот за економија Крешник Бектеши денеска во Приштина ќе има средба со министерот за трговија и индустрија Ендрид Шала, по мерката на Косово за забрана на увоз на компир и мед од земјава.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов вчера најави дека македонските власти ќе побараат од Косово објаснување со аргументи врз основа на кои меѓународни стандарди е донесена мерката на Приштина. Според Атанасов, македонските производи ги задоволуваат светските стандарди и нема основа изјавата на косовските власти за причините за забрана за увоз на компир и мед.
Ќе побараме од косовските власти во текот на утрешниот ден со аргументи да ни објаснат врз основа на кои меѓународни стандарди ја воведуваат забраната. Не држи изјавата на Косово дека со ЦЕФТА договорот или по други меѓународни стандарди може да ни воведат забрана, смета Атанасов.
Косовскиот министер за трговија и индустрија Ендрит Шаља во петокот минатата недела наложи забрана на увоз на компири и мед од Северна Македонија како одговор на забраната што Скопје ја воведе за увоз на риба за порибување од Косово. Забраната, како што изјави Шаља за порталот „Газета експрес“, ќе остане во сила се додека органите во Северна Македонија не ја преразгледаат одлуката за увозот на риба за порибување.
По наводите од косовската страна дека не е даден одговор на решавањето на прашањето за увоз на икра и млада риба од Косово во државава, од Министерството за економија соопштија дека веднаш ја информирале косовската страна дека мерката е воведена согласно прописите на ЕУ за увоз на тие производи. Навеле и дека таа е согласно со Спогодбата за санитарни и фитосанитарни мерки на СТО каде Република Северна Македонија е членка од 2003 година.
Министерот Крешник Бектеши, како што соопшти во петокот неговиот Кабинет, ги отфрли како невистинити наодите на Косово, посочувајќи дека земјава во секој момент е подготвена да разговара со факти и аргументи.
Comments are closed for this post.