Вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски денеска ја посетија компанијата „Аквапоника“, добитник на грант од ФИТР.
Проектот на оваа микрокомпанија – „Брендирани млади органски салати“ има за цел да воведе нов иновативен производствен процес кој истовремено овозможува контрола на квалитетот на производот „од нива до полица во продажно место“ и лесна следливост на неговото потекло.
За време на посетата на дел од нивните засадени површинско градинарски култури во село Орешани во близина на Скопје, Анѓушев нагласи дека ова е одличен пример како државата дава поддршка на микро, малите и средните компании, како оваа микрокомпанија која е основана од двајца млади претприемачи, брат и сестра.
Се почнува од добра идеја, добар план, а со напорна работа и посветеност се постигнува и посакуваниот резултат. Она што го видов тука е дека тие направиле еден издржан и одржлив систем со кој се обезбедува производство во текот на целата година, а не само сезонски. Ова е токму таков пример како добра и едноставна идеја може да резултира во бизнис кој ќе генерира приходи, рече вицепремиерот Анѓушев.
Тој нагласи дека изборот за посета на мала компанија од добитниците на грантови на ФИТР не е случаен, бидејќи, како што рече, поттикнување раст на малите компании е многу важен за развојот на една економија.
Вицепремиерот потсети дека во тек е вториот повик за кофинансирани грантови за стимулирање технолошки развој и иновации на микро, мали и средни компании, за кој се обезбедени 5 милиони евра од ФИТР и Светска банка.
Искористете ја можноста, аплицирајте. Од разговори со оние компании кои веќе ја искористиле можноста и потпишале договори, дознавме дека поддршката која ја добиле е особено важна за нивните проекти. Финансиската инекција им дава поголема слобода и сигурност во реализација на проектите и значително се убрзува нивната реализација. Владата ќе продолжи да го поддржува стопанството, успехот на компаниите е бенефит за сите, рече Анѓушев.
Оваа компанија е една од 11 проекти поврзани со иновации во земјоделството кои досега добиле финансиска поддршка од ФИТР.
Овде можеме да го видиме во пракса она што го повторуваме секогаш, дека иновациите се применливи секаде, не само во ИТ-индустријата. Иновациите се практична работа која носи додадена вредност. Нашата цел е да создадеме поголема додадена вредност по работник. Од друга страна, исто така сакаме преку поддршката на вакви проекти да се намали и зависноста од увоз на вакви производи. На пример, Израел земја која е меѓу водечките по инвестиции во иновации во сите сектори е 50 отсто пустинска земја, а задоволува 95 отсто од потребите со домашно локално производство на земјоделски култури, посочи директорот на ФИТР Деспотовски.
Сопствениците на компанијата „Аквапоника“, Милица и Васе Петрушевски, кои по струка се од ИТ-секторот и образование велат дека главната цел им е да ги урнат табуата дека земјоделството е нискодоходовно. Тие нагласија дека со нивниот пристап на развој на производ од „семка до полица“ по само неколку месеци носи резултати, како и дека без поддршка од државата нивниот концепт на развој на домашни брендирани еколошки градинарски производи би бил само идеја.
Вкупниот буџет на проектот кој ќе трае една година е 50.000 евра, од кои 35.000 се од ФИТР, а 15.000 ги вложува компанијата.
„Аквапоника“ е компанија специјализирана за производство и продажба на сертифициран органски зеленчук и негови полупроизводи. Целта и е да развива производи што ќе ги задоволат разновидните потреби на своите потрошувачи, притоа обезбедувајќи и гарантирајќи висок органски квалитет и лесна достапност за потрошувачите. „Аквапоника“ денес обработува околу еден хектар органски и ниви во органска конверзија. Екопроизводите од новата линија веќе се продаваат во поголемите маркети во земјава.
Comments are closed for this post.