Најдобриот придонес што ние како централната банка можеме да го дадеме за зголемување на нивото на странски директни инвестиции во нашата земја е остварувањето на клучните цели: одржување на ценовната стабилност и одржување и зајакнување на стабилноста на финансискиот систем. Успешно ги остваруваме овие наши цели. Макроекономската и финансиската стабилност е основа на инвестициската клима – таа ја намалува премијата на ризик на економијата и привлекува странски инвеститори, а придонесува и за зголемување на домашните заштеди.
Ова, како што соопштува Народната банка, го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на тематската дискусија посветена на структурните реформи и странските директни инвестиции, во рамки на Економскиот и финансиски дијалог меѓу Европската Унија (ЕУ) и Западен Балкан и Турција, одржана денеска во седиштето на Советот на ЕУ во Брисел.
Осврнувајќи се на големиот број мерки и активности што ги презеде Народната банка во изминатиот период за да обезбеди уште поголема стабилност и отпорност на банкарскиот систем на земјава, таа меѓу другото посочи на воведувањето на капиталните барања во согласност со Директивата на ЕУ и со капиталната спогодба Базел III. Во своето излагање, гувернерката се осврна и на промените во регулативата спроведени од Народната банка, со цел натамошно јакнење на корпоративното управување на деловните банки, како и на бројните мерки за подобрување на квалитетот на средствата на банкарскиот систем и за намалување на евроизацијата.
Продолжуваме интензивно да работиме на зголемување на стабилноста на банкарскиот систем, како клучен столб на финансискиот систем. На тој начин ќе придонесеме за посилна, но одржлива финансиска поддршка на реалниот сектор. Ќе продолжиме со зајакнување на надзорот на систематски значајните банки, со зајакнување на макропрудентниот капацитет и ќе придонесеме за натамошен развој на алтернативните финансиски инструменти, иновативното финансирање, продлабочување на финансиските пазари и поттикнување на финтек услугите кај нас, порача Ангеловска-Бежоска во Брисел.
Тематската дискусија во рамки на годинешниот Економски и финансиски дијалог помеѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција беше посветена на структурните реформи што ќе ги спроведуваат земјите кандидатки за членство во ЕУ, со цел привлекување повеќе странски директни инвестиции и зацврстување на своите економии. На неа учествуваа голем број гувернери на централни банки и министри за финансии.
Претходно на настанот, претставниците на земјите од ЕУ и земјите од Западен Балкан и Турција ги усвоија заедничките заклучоци од годишниот економски и финансиски дијалог. Заклучоците, како што наведуваат во соопштението, содржат исклучиво позитивни оцени за поставеноста на монетарната политика кај нас, и воопшто, за заложбите на Народната банка за исполнување на насоките на ЕУ дадени минатата година во однос на Програмата за економски реформи. Европската комисија (ЕК) нагласува дека минатата година Народната банка во целост ја исполни препораката за монетарната поставеност и водеше приспособлива монетарна политика, одржувајќи ниска инфлација.
Во своите оцени, ЕК ги истакнува и заложбите на Народната банка за подготовка и развивање на сеопфатната Стратегија за поттикнување на справувањето и подобрување на управувањето со нефункционалните кредити и на Стратегијата за денаризација, изготвени во соработка со Министерството за финансии.
На регионално ниво, нашава земја и Албанија имаат највисока реализација на проектите и мерките од Програмата за економски развој од минатата година.
На Економскиот и финансиски дијалог меѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција учествува и министерот за финансии, Драган Тевдовски.
Comments are closed for this post.