Левица реагира на одлуката на Влаата за воведување на прогресивен данок на плата повисока од 90 илјади денари.

За Тевдовски е неправедно некој да заработува (да, со тој збор!) над 1500 евра, но е праведно некој да профитира и милиони евра годишно. Затоа и воведува прогресивен данок на доход, што воопшто не е проблем (не е воошто страшно некој што заработува над 1500 евра да е даночен дополнителни 8%), но данокот на добивка го остава рамен и понизок. Ваквото лицемерие е одраз на вистинската наклонетост на социјалдемократите: кон капиталот, кон корпорациите, кон газдите, стои во реакцијата од Левица.

Тие додаваат:

Пред се, за да биде појасно: газдите не заработуваат. Тие профитираат на грбот на своите вработени и тоа нема никаква врска со работа. Тие живеат од туѓиот труд и се легални крадци на туѓиот труд. Ако Тевдовски сака да го даночи доходот на газдите на овој начин, треба да започне да користи терминологија што ќе направи дистинкција помеѓу нивната дејност и дејноста на работниците.

Според нив, за Тевдовски не е важно кој е работник, а кој е газда.

Тој гледа само посиромашни и помалку сиромашни работници. Барем во неговите излагања. Но, неговите дела и тоа како ја адресираат оваа реалност и ги фаворизираат газдите. Додека тој не помислува да ги даночи повисоко добивките на корпорациите, туку прва мета му се подобро ситуираните работници, тој го зголемува и онака високиот процеп помеѓу добивките на корпорациите и платите што ги исплаќаат, стои во реакцијата.

Од партијата прашуваат дали  Владата има план како ќе ги троши овие пари? На кој начин ќе го подобри образованието (буџетот за наука се намалува од година во година) и здравството, како ќе го намалува загадувањето, како ќе ја подобрува инфраструктурата, како ќе го зголемува јавниот сектор (што не е исто со јавна администрација, туку е враќање или создавање нови претпријатија под државна сопственост)? Или овие пари ќе се трошат за да се подмират трошоците кон НАТО, за да се подмират патните трошоци и високите плати на пратениците, за да се градат споменици како Скопје 2014 и сл.?