– Предлог-буџетот за 2026 година, дополнет со усвоените амандмани, денеска е на дневен ред на 73. седница на Собранието. Во текот на амандманската расправа во матичната Комисија за финансирање и буџет, беа прифатени 20-тина амандмани од вкупно поднесените околу 200 амандмани.
Предлог-буџетот за 2026 година е еден од стратешките економски документи што се усвојува при крајот на годината, а со кој се трасира патот на економијата во следната година.
– Овој буџет не е само документ со бројки и табели – тој е економска порака за раст, инвестиции и сигурност за граѓаните, компаниите и институциите, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на 14 ноември пред членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Со предложениот буџетот, како што посочи министерката, се продолжува стратегијата за рационално и дисциплинирано користење на јавните средства со цел одржлив економски развој и подобрување на животниот стандард.
– Буџетот за 2026 година е доказ дека можеме да управуваме паметно, дисциплинирано и визионерски дури и во време на глобални предизвици. Со овој документ, Владата ја зајакнува довербата во институциите, ја поддржува улогата на приватниот сектор како двигател на економскиот раст и создава услови за интензивирање на домашните и странските инвестиции, истакна Димитриеска-Кочоска.







Comments are closed for this post.