Официјалните податоци од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и од Државниот завод за статистика, покажуваат дека минатата година е забележан значителен пораст на вредноста на извозот на клучните извозно-ориентирани земјоделски производи, порача денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски.
-Во 2018 година извозот на конзервиран зеленчук изнесува 41,4 милиони евра, а во 2017 година 38,9 милиони евра, што е пораст за шест отсто. За 19 отсто е зголемена вредноста на извезени краставици и корнишони, и тоа најмногу на пазарите во Европската Унија. Вредноста на извезени пиперки во 2018 година е зголемена за 18 отсто за разлика 2017 година. Воведувањето на мерката за укинување на царината за увоз на замрзнато свинско месо во 2018 година, придонесе за значителен пораст на извозот на месните преарботки. Во 2017 извозот беше 11 милиони евра, а лани 14,6 милиони евра, што е пораст за 33 отсто, рече министерот Димковски на денешната прес-конференција во Владата.
Во 2018, додаде, споредено со 2017 година за 17 отсто е зголемен извозот на флаширано вино или од 21,8 милиони евра во 2018 на 25,5 млиони евра лани. Во делот на овошјето, се забележува значителен пораст на извозот на праски и нектарини од 16 отсто, а за 11 отсто е пораснат извозот на трпезно грозје.
-Развојните политики и мерки кои Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги презема изминатите две години, даваат позитивни резултати во земјоделството. Трудот на земјоделецот почнува да се цени и вреднува, расте побарувачката за македонските земјоделски производи, не само на домашниот, туку и на странскиот пазар, потенцира Димковски.
Посочи дека во овој период, особено во јули, кога е интензивна бербата и откупот на сезонскиот зеленчук и овошје, податоците покажуваат зголемување и на откупните цени. Во јули оваа година откупната цена на краставицата бележи пораст за 145,8 отсто, а споредено со истиот период 2013 година зголемувањето е за 240 отсто. За 85,5 отсто е зголемена откупната цена на доматот во јули годинава споредено со истиот период лани или за 143 отсто споредено со јули 2015 година. Оваа година пченицата се откупува за 10,4 денари, за разлика од 2016 година кога била 8,48 денари за килограм, што е пораст од 23 отсто.
-Поради отворените пазари, зголемената побарувачка на македонските земјоделски производи и порастот на откупните цени, до овој момент МЗШВ нема воведено ниту една интеревентна мерка, како што тоа беше случај во изминатите години. Земјоделството е еден од носечките столбови на македонската економија. Затоа како Влада посветуваме посебно внимание на политиките кои ги спроведуваме за овој сектор, со посебен акцент на развојните мерки и проекти, како и нови инвестиции кои ќе придонесат кон забрзан раст на оваа стратешка економска гранка, рече Димковски.
Прецизира дека во јули годинава пораст на откупната цена од 89,1 отсто е забележан кај лубеницата во споредба со истот период лани или за 116 отсто споредено со 2015 година. Откупната цена на белото грозје, додаде, во 2016 година била 30 денари за килограм, а оваа година 50 денари, што претстваува пораст од 67 отсто. Кај сливите, пак, откупната цена во јули оваа година споредено со истиот период лани е зголемена за 18,8 отсто или за 23 отсто споредено со јули 2016 година. За 31 отсто расте откупната цена на пиперката или во јули 2018 година изнесува 22,14 денари, а годинава 29 денари за килограм. Кај оризот, во последните 12 месеци има пораст на откупната цена за 8,7 отсто.
Comments are closed for this post.