Во кој правец ќе се движи истрагата за случајот „Рекет“ ќе биде познато во вторник кога исказ треба да даде Специјалната обвинителка Катица Јанева. Вчера исказ даде Бурим Рустеми, обвинител од Специјалното јавното обвинителство (СЈО) кој сведочеше за прашања поврзани со истрагата „Поштенска банка“, која ја води тој во СЈО.
Обвинителот Рустеми по исказот изјави дека одговорил на сите прашања за кои што се интересирала обвинителката и ги дал сите информации.
– Ја кажав вистината и сметам дека мојот исказ ќе придонесе за развој на истрагата, во делот на настаните поврзани со предметот „Поштенска банка“, рече Рустеми.
Пред него, од почетокот на неделава искази во Обвинителството за случајот „Рекет“ дадоа и специјалните обвинителки Лиле Стефанова и Елизабета Јосифовска.
Нивната шефица Јанева, пак, по информациите за несогласувања во СЈО, вчера негираше дека наредила претрес на нејзините соработници при влез и излез од зградата на СЈО, објаснувајќи дека е недоразбирање, наспроти таквите завчерашни тврдења на обвинителката Фатиме Фетаи.
– Не е точно дека сум издала таква наредба, се работи за недоразбирање. Не сум расположена за повеќе разговор, изјави Јанева, која истовремено со објавата за истрагата на „Рекет на 15. минатиот месец, депонираше оставка условена со носењето на новиот закон за обвинителство, по што користеше боледување, како и еднонеделен одмор, а пред пет дена се врати на работа во СЈО.
Comments are closed for this post.