Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов и кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, денеска извршија увид во градежните активности за рехабилитација на регионалниот пат Куманово-Свети Николе.
Првите десет километри од патот веќе се завршени со претходен проект, а во моментов се работи на 32 километри асфалтирање на патот.
Министерот за транспорт и врски, Сугарески изрази задоволство од динамиката на изградбата на патната инфраструктура во државата. Во Куманово, нагласи тој, се работи интензивно на повеќе патни правци, од кои дел се завршени, како Куманово-Опае, но државните и магистралните патишта околу Куманово.
По сите основи, рече министерот Сугарески, во Куманово се инвестираат околу 60 милиони евра дел во патната инфраструктура, дел во комуналната инфраструктура, проекти кои се реализираат преку министерството.
Она што на почетокот го најавувавме тоа се остварува, низ целата држава се работи во делот на подобрување , реконструкција и изградба на патната инфраструктура во државата. Во моментов се работи на преку 550 километри патна мрежа низ државата, тоа е видливо, граѓаните можат да го видат и што е најбитно може да го почувствуваат, бидејќи се подобрува патната инфраструктура, изјави Сугарески.
Тој рече дека е предвидено да се реконструираат уште 450 километри низ државата, и до крајот на сезоната се очекува преку јавното претпријатие, по различни основи, кредитни линии и изворни средства преку Македонија пат, целосно да се подобри патната инфраструктура и да се обезбеди побрз, побезбеден транспорт за граѓаните.
Остануваме посветени, ќе работиме интензивно. Тука сакам да потенцирам дека се интензивирани активностите во делот на железничката пруга Куманово-Бељаковце, очекуваме некаде на почетокот на следната година тој дел да заврши и од наредната година веќе да отпочне градењето на втората делница Бељаковце до Крива Паланка. Остануваме посветени, се надевам дека се она што е планирано согласно буџетите, согласно буџетот на ЈПДП дека навистина ќе бидат реализирани сите активности предвидени во владината програма, изјави Сугарески.
Кумановскиот градоначалник, Димитриевски се заблагодари за капиталните инвестиции од државата, од Министерството за транспорт и врски и јавното претпријатие за државни патишта.
Comments are closed for this post.