Официјалното соопштение на Државната комисија за спречување на корупцијата во врска со моето вршење на должноста ректор на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје го примив со неверување, вели во денешната писмена реакција професорот Никола Јанкуловски. Тој оценува дека станува збор за неиздржана инсинуација со која се прави обид да се наруши неговата чест и авторитет како ректор и редовен професор на Медицинскиот факултет.

Антикорупционерите вчера го обвинија Јанкуловски дека прима две плати и како ректор и како професор.

Јанкуловски јавно прашува согласно кој член од кој пропис и бројните законски и подзаконски акти, кои ја регулираат работата и дејноста на УКИМ, ДКСК ја детектирала корупцијата, согласно кој член од кои прописи го утврдила судирот на интереси или согласно кој член од кој пропис земањето плата и функционален додаток на плата кој не е плата претстатува корупција или судир на интереси?

Во четири точки проф. Јанкуловски го соопштува своето гледање на работите. Прво, вели тој, ректорот за да може да биде ректор најпрвин треба да биде професор. А, за да биде професор на Медицинскиот факултет треба да има двоен работен однос на соодветната клиника и на Факултетот, што е регулирано со Законот за здравствена заштита, Законот за високото образование, Анексот на Колективниот договор, Спогодбата меѓу Факултетот и Клиниката за дигестивна хирургија и Договорот со Сенатот на УКИМ од 2016 година. Тој наведува дека сите професори по клиничките предмети на Медицинскиот факултет имаат двоен работен однос.

Второ, согласно наведените прописи,м професорите по клиничките предмети земаат една плата од двајца работодавачи, од Факултетот и соодветната клиника. А, тоа што ректорот го прима од Ректоратот е само функционален додаток на плата додека ја врши функцијата ректор. И тоа, според него, не е плата и така досега било со сите ректори.

Трето, ректорот не може 30% да обавува здравствена дејност како што тврди ДКСК, доколку не е вработен во здравствена установа. Здравствената дејност е потребна за практична едукација на студентите. Со одземањето на здравствената дејност ректорот не може да биде ниту професор.

И конечно, проф.Јанкуловски ги оценува како неосновани и противуставни и противзаконски обвинувањата за непостоење на правилник, кој „требало“ да го донесе директорот на Клиниката за дигестивна хирургија кога постои Колективен договор за здравствена дејност врз основа на кој, по коефициенти, се врши исплатата на плати во здравствената дејност.