Потврден прв случај на антракс оваа година во Македонија кај животно.  Инфективното заболување е потврдено кај овца од кичевскиот регион. Овцата имала симптоми на ова заболување и резултатите покажале позитивен наод за антракс. Во ваква состојба сите кои биле во контакт со заболеното животно мора да примаат заштитна профилакса или антибиотици, велат од Комисијата за заразни заболувања.

Испитувањата потврдиле дека никој од проверените вработени, но и граѓани кои биле во близина на овцата немаат антракс. Надлежните излегле на терен, и не утврдиле нови случаи со антракс.

Антраксот е заболување предизвикано од бактерија и најчесто се појавува кај домашните и дивите животни. Луѓето можат да се заразат преку директен или индиректен контакт. Во ретки случаи се пренесува и од човек на човек. Најчесто бактеријата навлегува во телото преку рана на кожата, а човекот може да заболи преку заразено месо. Знаци и симптоми се кожни рани, подгинат јазол на кожата што чеша и наликува на убод на инсект со црн центар на раната, гадење, повраќање.

Министерството за здравство првично демантираше дека оваа опасна бактерија се појавила во земјата, сепак призна дека истата е детектирана кај домашно животно во Западна Македонија.

Од Агенцијата за храна и ветринарство пак соопштуваат дека  се преземени сите потребни мерки за справување со болеста антракс во селото Долно Строгомиште во Кичевско. Засега болеста е детектирана само кај едно одледувалиште, а соседните се ставени под надзор на официјален ветеринар. Нови случаи на појава на болеста кај добитокот нема, а нема и заболени луѓе од антракс.

Агенцијата за храна и ветеринарство е одговорна институција, болеста за која денес ВМРО – ДПМНЕ непотребно создава паника не е новост во нашата земја и за неа согласно Годишната наредба за здравствена заштита на животните се врши превентивна вакцинација во дистриктите (места каде се преземаат посебни мерки за сузбивање и искоренување на оваа болест со задолжителна вакцинација на животните во наредните 20 години). Во последните десет години болеста антракс е дијагностицирана во државата во 2009 година во Велес и 2015 година во село Раович, Сарај, наведуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Донесена е и забрана за влез и излез на животни од и во одгледувалиштето. Информираат дека одржан е итен состанок на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, спроведени се и епидемиолошко испитување за утврдување на можниот извор на заразата, а се врши и едукација на населението од ова населено место. Исто така, се спроведува интерна постапка за утврдување на почитување на пропишаните процедури во случај на појава на зоонозни болести кај животните.