Сончево и топло време со многу високи температури од портокалова фаза, што веќе неколку дена ја зафатија целата држава, ќе се задржи до 14 август.
Дневните температури ќе се движат од 31 до 40 степени. Во Скопје температурата ќе достигне до 39 степени. УВ индексот ќе изнесува 9. Се препорачува граѓаните да се заштитат од високите температури.
Утре и задутре температурата ќе изнесува 41 степен, а ќе има и високо УВ зрачење.
Во среда температурата ќе достигне до 40 степени, а попладнето и во четврток ќе има зголемување на облачноста проследено со локален пороен дожд и грмежи, кога се очекува и намалување на температурата, најпрво во северните делови, а од петок и насекаде низ земјава, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Министерството за здравство врз основа на заклучоците на Комисијата за следење на ефектите од високите температури донесе препораки во кои се наведува да се ослободат од работните обврски на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лицата на возраст над 60 години, во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот, сите правни субјекти кои вршат активности на отворено да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот, што особено се однесува на градежните работници.
Граѓаните во целиот летен период треба да ги почитуваат општите мерки за заштита на здравјето, што значи дека во текот на екстремно топли денови треба да останат подолго време во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да најдат можност за почести одмори под сенка, да носат светла и лесна облека, при директна изложеност на Сонце да носат заштитни очила и капа, при сончање да користат крема со висок заштитен фактор, да внесуваат помало количество храна, главно овошје и зеленчук, помалку мрсна храна, да внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, да избегнуваат алкохолни пијалаци, при влегување во возило, потребно одреден период да го проветрат, а хронично болните редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.
Поради високите температури и зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања, од Министерството препорачуваат задолжително миење на земјоделско-градинарските производи.
Comments are closed for this post.