На Факултетот за политички науки (ФПН) во Белград денеска се одржа втората средба меѓу претставници на власта и опозицијата за изборните услови.
За разлика од првата тркалезна маса, на денешниот состанок не присуствуваше претседателот на Партијата за слобода и правда (ССП), Драган Ѓилас, кој претходно најави дека нема да прусуствува на овие состаноци, се додека тие целосно не бидат отворени за јавноста.
Според претходните најави, денешната агенда се однесувала на финансирање на кампањата, а експертските анализи требаше да ги презентираат невладините организации Транспарентност на Србија, Цесид и Црта и други.
Претседавачот на Сојузот за Србија (СзС), Небојша Зеленовиќ, по состанокот повтори дека таа опозициската група нема да учествува на претстојните избори освен ако тие не бидат слободни и додаде дека Србија се движи кон сериозен конфликт доколку не се дозволи слободно гласање.
Зеленовиќ кажа дека опозицијата ги повторила своите барања итно да се сменат сите членови на РЕМ и на нивно место да се постават високо квалификувани луѓе кои ја имаат докажано посветеност на слободата на изразување, да се постигне консензус за избор на нов состав на Републичката изборна комисија, како и да се сменат директорот и членовите на Одборот на Агенцијата за борба против корупцијата и да се заменат со други високо квалификувани лица.
– Исполнувањето на овие барања е работа на политичката волја на Александар Вучиќ. Ова ќе не доведе до тоа да бидеме на прагот на каква-таква политичка регуларност (на изборите), а неисполнувањето би била одлука Србија да се втурне во граѓански судири. Времето минува и го има се помалку, кажа Зеленовиќ.
Тој кажа дека не наишол на недоразбирање меѓу соговорници, но дека е потребно Вучиќ да покаже политичка волја и да ја донесе таа одлука.
-Не сакам да ги прецизирам термините на одлуката за бојкот, но во прашање се недели, рече Зеленовиќ.
Од СзС на состанокот беше претседателот на Демократската партија (ДС), Зоран Лутовац и потпретседателот на Народната партија (НС), Мирослав Алексиќ.
Владејачката Српска напредна партија (СНС) ја претставуваа извршниот претседател Дарко Глишиќ и функционерите Владимир Орлиќ и Дејан Ѓурѓевиќ, додека Жарко Обрадовиќ беше во име на Социјалистичката партија на Србија (СПС).
На состанокот беа и претставници на некои партии кои не беа поканети на првата средба, меѓу кои и претставник на Демократската партија на Србија (ДСС) и Либерално демократската партија (ЛДП), како и претставник на Партијата на модерна Србија (СМС).
Претседателот Александар Вучиќ, кој воедно е и лидер на СНС, денеска истакна дека „не е проблем да се исполни она што го бара опозицијата, како околу избирачките списоци, така и со финансирањето на партиите, но проблемот на опозицијата е дека со лаги и измислени приказни не може да го победат трудот, трудољубивоста и способноста“.
На прашање на новинарите да ја коментираат изјавата на претседателот на ДС, Зоран Лутовац, дека „со согласувањето да учествуваат во дијалогот, власта потврди дека изборните услови не се добри“, Вучиќ рече дека ова е најдобриот показател за лицемерство со кое се соочуваме.
– Ако не го прифативме дијалогот, опозицијата би рекла дека власта не сака дијалог и би повикала на протести, но бидејќи го прифативме разговорот, тогаш тие велат дека тоа значи дека ние признавме дека се лоши изборни услови, што е лицемерно, изјави Александар Вучиќ
Comments are closed for this post.