Третманот на децата продолжува во Клиничката болница „Жан Митрев“. Тие и натаму ќе се оперираат во таа Клиниката на сметка на Фондот без оглед дали заминува тимот предводен од д-р Владимир Чадиковски, кој од Детска хирургија пред неколку месеци направи трансфер во таа Клиника. Тие си заминаа на своја рака од државно во приватно здравство. Значи без оглед на тоа, таму има улови, експертиза…
Ова денеска за МИА го изјави министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека вчера телефонски разговарал со д-р Чадиковски и дека треба да се сретне со него и со останатите од тимот.
Не би брзал со изјави додека не се расчисти што точно ќе прави тимот, посочи Филипче
Во врска со објавените информации дека д-р Чадиковски ја депонирал оставката во Клиниката „Жан Митрев“, рече дека колку што знае тоа не е официјализирано.
Д-р Чадиковски денеска за МИА изјави дека е во отказен рок, кој спогодбено треба да го подигне в четврток.
Овие денови како се враќаат од одмори останатите од тимот ќе ги депонираат оставките. Јас сум на одмор. Дадов оставка, денеска се враќам од одмор и треба да потпишам спогодбено дека си одам. Во моментот кога ќе решиме конечниот статус мој и на тимот за тоа каде ќе работиме во иднина ќе дадеме официјална изјава. Ова го кажувам за да нема шпекулации, бидејќи при вакви големи трансфери најмногу треба да внимаваме за натамошниот третман на децата кои чекаат операција, рече д-р Чадиковски.
Појасни дека причина за заминувањето од Клиничката болница „Жан Митрев“ се различните концепции во начинот на работењето.
Доктор Чадиковски е единствен лиценциран детски кардиохирург. На Универзитетската клиника за детска хирургија работеше 20-тина години, а пред неколку месеци заедно со неколку други доктори направија трансфер во Клиниката „Жан Митрев“ за изведување на операции на срце кај бебиња и деца во современи услови, откако државата и таа здравствена установа се договорија операциите да ги покрива Фондот за здравствено осигурување .
Comments are closed for this post.