Македонија првпат има доволно пченка за да ги задоволи домашните потреби, но просечната откупна цена е многу ниска-осум денари за килограм. Тоа, предупредуваат земјоделците, ќе се одрази на сеидбата за 2019 година.

Велат дека и сеидбата на пченицата е доведена во прашање поради ниската откупна цена што достигна 7,5 – осум денари, а не 10,5 денари, како што пред два месеца информираше Министерството за земјоделство.

 Годинава во Македонија првпат има доволно прозводство на пченка за задоволување на домашните потреби, но и пченката ја добива истата судбина како пченицата. Нема откуп, а таму каде што има, цената е осум денари за килограм. Тоа значи дека догодина никој нема да сади пченка, вели за МИА претседателот на Сојузот на земјоделците Вељо Тантаров.

Родот на пченката е околу 60 милиони килограми, а и квалитетот, според Танатаров, е добар. Засега, укажува, засеани се и многу малку површини со пченица. Седибата требаше да почне по Крсдтовден, на 27 септември, а да заврши до Петковден, 25 октомври.

  Никој не сее пченица затоа е и прашање дали воопшто ќе се посее. Проблемот, повторно, е ниската откупна цена. Ајде да најдеме земјоделец што добил десет денари за килограм, истакнува Тантаров. За сеидба едноставно нема интерес зашто бараме цена со која ќе се вреднува нашиот труд, ќе ни остане нешто за живот и ќе имаме пари за новата сеидба. Тоа со 12 денари за килограм ќе беше исполнето, но со просечна цена од околу осум денари, тешко, нагласува Тантаров.

Тој потврди дека пченица веќе ретко може да се најде и дека речиси се е откупено и продадено. Најмногу е извезено во Албанија и Грција, како што минатата недела соопшти претседателот на Агробизнис комората Огнен Оровчанец.

 Ако на Македонија и треба леб, некој треба да каже на кој начин ќе се обезбеди тој леб и каков однос треба да има државата кон лебот. Цената на пченицата може ќе биде и 15 – 20 денари, но нема да ја има. Тешко дека ќе се посее и покрај тоа што има субвенција, дециден е Тантаров.