Основното јавно обвинителство Велес донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. На предлог на јавен обвинител Основен суд Велес на осомничените им определи 30-дневен притвор.
Од Јавното обвинителство информираат дека на 22-ри овој месец лице на возраст од 32 години во товарно моторно возило со полуприколка неовластено заради продажба пренесувал наркотична дрога – марихуана во количина од 9.855 грама. Во вршењето на кривичното дело со умисла му помогнал вториот осомничен ставајќи му на располагање средство за извршување на кривичното дело.
Двајцата осомничени по претходен договор а со цел пренесување на дрога, искористиле претходно договорено патување на првоосомничениот во Република Турција каде со товарно возило со полуприколка требало да се однесе дрвена граѓа. Ноќта пред патувањето второосомничениот ја донел дрогата во патничко моторно возило кај Смоквица каде се сретнал со првоосомничениот кој го управувал товарното возило. Дрогата била спакувана во 20 полиетиленски пакувања исполнети со наркотична дрога – марихуана сместени во две торби и еден куфер.
Второосомничениот кога влегол во тoварното возило кое го управувал првоосомничениот ја распоредил дрогата на повеќе места во возилото. Кога осомничените во текот на ноќта, со товарното возило пристигнале на граничниот премин Стар Дојран, при излез од Република Северна Македонија била извршена контрола од овластените службени лица и дрогата била пронајдена.
Ценејќи дека постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство на обвинетите како и можност да го повторат кривичното дело, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Велес кој постапува во предметот до судијата на претходна постапка на Основен суд Велес достави предлог за определување на мерката притвор за осомничените. Судот го прифати предлогот на јавниот обвинител и со решение на осомничените им е определена мерка притвор во траење од 30 дена.
Comments are closed for this post.