Поради одлука на Државниот завод за индустриска сопственост (ДЗИС) никој во Македонија не може да произведува, увезе/извезе или да продава младо говедско месо, односно „бејби биф“, без претходно да добие дозвола од компанијата „ЗОЛА компани“ од Страцин, Кратово. Ваквата апсурдна ситуација е дојдена поради тоа што оваа компанија на 7 февруари лани добила решение од ДЗИС за признавање сопственост на трговска марка, односно на комапнијата ѝ се признава правото на стоковна и услужна индивидуална трговска марка „бејби биф“ и „baby beef“, пишува „Мкд.мк“.

Тоа всушност значи дека во Македонија никој веќе нема право да увезува „бејби биф“ месо од, на пример Србија, ниту пак некој друг освен ЗОЛА има право да извезува во ЕУ такво месо. А Европската Унија уште во 2010 година на Македонија ѝ одредила квота за извоз од 1.650 тони годишно „бејби биф“ месо во земјите членки на ЕУ. Правото на исполнување на таа квота веќе повеќе од една година го има само „ЗОЛА“ од Страцин.

Како што пишува „Мкд.мк“, од денот на регистрацијата на оваа трговска марка, почнуваат проблемите на маркетите во Македонија, кои се обидуваат да ги убедат властите дека се работи за генеричко име и дека никој нема право да заштити таква марка, без одредена посебност. Тоа е исто како некој да заштити, на пример „свински пафлак“ како посебна трговска марка. Работата е дојдена до суд, а ДЗИС не попушта.

Во февруари годинава Здружението за трговија при Стопанската комора, до директорот на ДЗИС Д-р Сафет Емрули испратило барање за преиспитување на решението со кое се признава правото на трговска марка „бејби биф“.

Во барањето пишува дека со ова решение се создава нелојална конкуренција на пазарот и се доведува во прашање целокупната трговија на младо говедско месо „бејби биф“.

Терминот ‘бејби биф’ е генерички и се користи за означување на месо од заклани говеда стари помеѓу една и две години, со тежина од 400 до 550 килограми во земјите од целиот свет. Терминот ‘бејби биф’ се користи во малопродажбата, во угостителството и ги засегнува и месарниците и угостителите, хотелиерите, рестораните и маркетите. Терминот ‘бејби биф’ е познат на овие простори и не може да се поврзе со раса, линија на говеда, географски регион или одгледувалиште… Оваа одлука на Државниот завод за индустриска сопственост ги засегнува сите домашни и странски деловни субјекти што сакаат да одгледуваат говеда или да увезуваат месо ‘бејби биф’ во Македонија“, пишува во барањето на Стопанската комора.

Според експертите со донесеното решение, ниту еден ресторан не може да стави во своето мени некое јадење подготвено со „бејби биф“ месо. Месарниците, маркетите не смеат да продаваат „бејби биф“ освен тоа што го нуди ЗОЛА од својата фарма во Страцин.

Од друга страна, според директорот на Државниот завод за индустриска сопственост, Сафет Емрули, решението е донесено според законот, во склад со она што досега го добиле како материјал и од ЗОЛА и од адвокатите на трговските компании.

Бејби биф не значи одгледување на говедото на природен начин. Тоа се прави со посебен, адекватен метод на одгледување на животното. ЗОЛА е единствен производител на такво месо во земјава и зборот бејби биф‘ тука добива посебност. Компанијата ЗОЛА досега вложила многу во промоцијата и дистрибуцијата на ова месо по маркетите“, изјави Емрули за МКД.мк.

Тој појаснува дека ако судот пресече поинаку, Заводот се разбира дека ќе мора да го преиначи своето решение.