Во Кавадарци денеска почна со работа Туристичко информативно биро. Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев рече дека општината добива објект што ќе биде во функција на привлекување туристи. Целта е да се промовира историјата на Кавадарци, винскиот пат и останатите богатства кои се поседуваат.
– Имаме програма која веќе ја направивме заедно со вработениот овде и ставивме таргет, ако можеме на дневна основа за почеток по еден турист да привлечеме, ќе биде добро. Досега немавме увид и евиденција дали има попатни туристи, туристи кои сакаат да дојдат. Од денеска па натаму ќе имаме комплетна евиденција и ќе правиме план и програма за да привлечеме повеќе туристи кај нас, нагласи Јанчев.
Тој потсети дека Кавадарци е најголем вински регион, па производството на грозје и вино ќе биде еден од магнетите со кои ќе се привлекуваат туристите. Но тука се и манастирите и црквите со верскиот туризам, но и локациите како Моклиште,Тиквешко Езеро, Витачево, Кожуф Планина и слично.
Туристичкиот работник Крсте Соколов рече дека се работи на голема програма за привлекување на туристи.
– Од утринава веќе ги добивме и првите австриски гости кои викендов ќе учествуваат на изложбата на олдтајмери во рамките на манифестацијата “Тиквешки гроздобер”, со нивен реквизит на “бмв” модел кој го носат тука директно од Германија, така да веќе бирото ги дава првичните резултати. Тиквешијата заслужува еден ваков центар каде гостите ќе имаат можност директно да се запознаат и информираат за убавините на нашиот крај, додаде Соколов, нагласувајќи дека успех е секој дополнителен час што еден турист би го поминал тука, уживајќи во традицијата на Тиквешијата.
На наше прашање дали ќе се настојува да се привлечат алтернативни туристи заинтересирани на пример да копаат лозја или молзат крави, Соколов потврди дека главен фокус им е алтернативниот туризам и максимално ќе се вложат во привлекување на алтернативните туристи, кои се тренд во светот.
Comments are closed for this post.