Целосно невистинити и дезинформации се исказите со кои ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција го обини директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу за судир на интереси поврзани со кадровски решенија во службата.
Агенцијата, како што соопшти, е изненадена и изразува жалење што ВМРО-ДПМНЕ избра на ваков начин да комуницира со национална институција задолжена за одбраната и безбедноста на државата и за општото добро на граѓаните.
Агенцијата ја повикува Државната комисија за спречување корупција целосно да ги провери дезинформациите што, како што наведува, подолг период се пласираат од извесни структури по социјалните медиуми, а денеска ВМРО-ДПМНЕ ги изнесе на прес-конференција. Воедно информира дека во однос на клеветите на лична основа изнесени кон директорот Муслиу и неговото семејство, тој приватно ќе реагира.
Агенцијата е децидна дека сите нови решенија за унапредување се засноваат на професионалните капацитети и на постигнатите резултати на вработените.
-Ги информираме политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и јавноста дека во моментов не се случува никаква „политичка елиминација на целокупниот оперативен состав“. Агенцијата како посебен орган во државната управа не ја раководи партиски определено лице, туку искусен професионалец од редовите на Агенцијата со јасна определба да ги спроведе препораките на НАТО и ЕУ за заокружување на процесот на реформите во безбедносниот сектор. Во врска со спомнатото лице и наводите на ВМРО-ДПМНЕ, Агенцијата за разузнавање потенцира дека се работи за професионалец кој има 18-годишно искуство во безбедносно-разузнавачкиот сектор и е истакнат експерт во меѓународни рамки. Во однос на ставовите дека ова лице изнесувало „инсајдерски“ информации од Агенцијата, ја охрабруваме ВМРО-ДПМНЕ да ги достави до надлежните државни институции, стои во соопштението.
Comments are closed for this post.