Дополнителни 152 милиони евра бара кинески „Синохидро“ за изградба на тунелот на автопатот Кичево-Охрид, но од Владата очекуваат во тек на преговорите, што се во завршна фаза, сумата да се намали за 25 до 30 милиони евра. Очекувањата се да се постигнат вкупни заштеди од околу 80 милиони евра од првичната цена за автопатот во должина од 57 километри.
Од Владата денеска најавија дека точниот износ на дополнителната цена за автопатот ќе се знае околу 10 октомври за кога за таа намена се планира нов трет анекс со кинескиот изведувач. Со сегашниот Договор изградбата на автопатот чини околу 400 милиони евра.
На терен треба да се гради целосно нов тунел, дополнителни работи на усеците во должина од 30 километри, како и да се изградат девет нови клучки и регионални патишта.
Како што појаснуваат од Владата, застојот на проектот на терен го предизвикале погрешна проектна документација, нерешени имотно-правни работи со експропријација на земјиштето, недислоцирани објекти… Иако државата имала обврска, не ја завршила експропријацијата на земјиштето низ кое минува трасата, а требало да се направи дислоцирање на бензинска пумпа, далекувод, цевковод, телекомуникациски табли. Првичниот проект предвидува трасата да минува низ резервоарот на Кичево. Тоа, појаснуваат, е поради користење идејни проекти од поранешна СФРЈ и брзање со старт на проектот.
Главниот проблем, како што укажуваат, е предвидената изградба на тунелот на земјиште од прва категорија без сооветни геомеханички испитувања, наместо на шеста категорија или карпест дел. Поради тоа, ќе се примени нова технологија со поставување, меѓу останатото на нови цевки преку кои ќе се инјектира бетон за да се направи вештачка карпа. За да може да се копа тунелот ќе се поставуваат челични потпори. Поради тоа изведувачот бара дополнителни пари поради разликата со претходниот проект. Поради погрешен проект, нерешена експропријација и недислоцирани објекти, најавиле дека во случај на раскинување на договорот ќе покренат жалба пред Арбитражниот суд.
Како што најавуваат од Владата согласно со меѓунариодните ФИДИК стандарди за сите дополнителни работи изведувачот ќе добие нови цени и работат на тоа да се намали разликата по основ на префактурирање од 56 проценти. Цените ќе бидат дополнително утврдени, а разликата од 56 проценти треба да се намали на 10 проценти согласно светската пракса.
Со анексот планиран за следниот месец се најавува дека ќе бидат објавени податоци за сите ставки како ќе се трошат парите во споредба со претходните.
Како клучен за деблокирање на застојот на градежните работи на терен се смета предлог законот што го усвои денеска Владата за вториот анекс на Договорот со „Синохидро“ со кој се овозможува да се користат 205 милиони евра од кредитот од Ексим банка со можност за пренамена од една на друга ставка. Воедно рокот за изградба на автопатот е продолжен за три години. Законот е испратен во Собранието и ќе се носи по скратена постапка.
Изградбата на автопатот стартуваше во февруари 2014 година со Договорот склучен од претходната Влада на РМ со „Синохидро“.
Comments are closed for this post.