Според последното истражување на националниот степен на интелигенција, со индекс 82 (регионално) сме на дното. Ова ни го урна митот за многу образована нација, а бидејќи е резултат на образовно-воспитниот процес, потврди две децении потценување на образованието како процес и општествен сегмент.
Да се соочиме со состојбата: Прво, падот на образованието е основата на падот во сите други сфери, од политика, преку економија, здравство до судство – поради политички свесни одлуки во низа, со години. Второ, падот нема да престане ако самите не го запреме. Трето, за тоа не ни е виновен некој од надвор. Четврто, емиграцијата и натаму го цеди нашето, а го зголемува IQ-то на новите татковини на иселениците.
И петто, пропадна обидот низ задолжителното средно образование да „шверцуваме“ функционално полуписмени генерации за да го качиме националниот образовен просек со купени дипломи низ приватни или дисперзирани факултети/универзитети. Можеби и ќе успееше доколку целта беше пообразованата работна сила да ги покрие кадровските дупки во стопанството низ доквалификација и пракса. Но концептот падна кога се виде дека тој служи само за клиенто-партиската популација да се вдоми во „администрација“. Етно-процентуално правично, суштински национално деструктивно.
КАКО „МУЈО И ХАСО“ СЕ НА ПАТ ДА СТАНАТ „ТРПЕ И ТРАЈЧЕ“?
Со партиска одлука. Пред средното образование да стане задолжително, 86% од завршените основци го продолжуваа школувањето. Но, наместо природната селекција тие 14% да ги упати директно на пазарот на труд, што го дозволува и самиот Устав (од 15 годишна возраст), државата популистички реши да ги држи во образовниот процес без нивен интерес и предиспозиции. И со тоа – да ги упросечи оние кои веќе во раната адолесценција биле подготвени за натпревар по повисоки стандарди, ништејќи ги критериумите на оценување и во основното и во средното образование.
Матрицата „пиши му двојка да помине година“, „пушти ја на испит, роднина ми е“ го сроза минатиот систем, а веќе го парализира и сегашниот: кога итроманството и „снаоѓањето“ станува поценето одошто вредноста, изигрувањето на системот како правило го обесмислува самото постоење на систем. Корупцијата е природна следна фаза, а потоа следи она што го живееме: хаос со привид на систем. Доста е.
Вината на државата е три сегменти. Прво, во обидот воспитниот процес од семејството да го пресели во образованието: наставниците не можат да ги воспитуваат децата наместо нас. Тие можат да ги поттикнуваат и да ги учат, но почитта кон повозрасниот, чесноста, посветеноста… децата ги учат пред се дома. Второ, во форсирањето на „гранап-факултетите“ каде „на испит паѓаш само доколку се сопнеш по скали“. И трето, во запоставувањето на јавниот интерес и административната незаинтересираност кон промовирањето вредности, наместо шунд и кич низ медиумите.
Колективниот дух на нацијата тргна по ѓаволите кога јазично надсинхронизирани сапуници го сведоа светогледот на децата на тривијални заплети во кои шурата и јатрвата и се потсмеваат на свекрвата и го крчмат наследството од прадедото, кога за џет-сет се претставуваат подпросечни певаљки од регионот за кои младите „грицкаат нокти“ колку пати го заследиле или отследиле бившиот на Инстаграм, а главна политичка дебата е кој „мавнал“ повеќе јавни пари – минатата или сегашната власт.
Во такви услови, залижани момци што со човек-фирма и врски во Партија ќаруваат милионски државни тендери стануваат репер за економски успех, а фотошопираните девојки со 186-та слика од албумот „лето 2019“ се стандардот за однесување во виртуелниот свет на социјалните мрежи. Виртуелниот живот денес е поприфатлив од депресивната Заев-Рашковски реалност (или од Груевски-Протуѓер реалноста вчера) што ги депримира(ше) македонските граѓани од сите генерации и припадности.
Новиот мејн-стрим на вака затапената нација е „сподели икона за здравје“, препрати порака на десет пријатели за да имаш пари, лапни дијазепам и појди до кладилница, а дома намести ги вазните по фенг-шуи, бркај си ги внатрешните демони со пар јога-медитации, прочисти си ги токсините со лажица сода бикарбона и не гледај околу себе – оти така си прочитал на Фејсбук. Наместо да работиш на остварување на целта, да се спротивставиш на неправдата, да се избориш за вредноста.
Затоа ни екс-ју етно-базираниот потсмев веќе ни статистички не е оправдан. И овој IQ 82 го држат генерациите 35+, последните кои беа дел од организиран, осмислен и структуриран образовен систем со дефинирани општествени и лични вредности. Подгответе се – „Трајче и Трпе“ ќе бидат новите „Мујо и Хасо“ во вицовите на Балканот за најмногу 20 години.
Што да се прави?
Доброто во сето ова е што бруталните статистики ни го разнишаа нашиот екс-ју ментален склоп на некомпетитивност и престижност во однос на опкружувањето.
Затоа, пред да посегнеме кон самосожалување и чекање „да не среди некој од Брисел“, да прифатиме дека модерниот патриотизам ќе значи градење на свесна и компетитивна нација со IQ над 82, оти само таква ќе биде нешто повеќе од аморфна, непродуктивна и подводлива маса. Да го корегираме посоченото и да детектираме што уште треба. Да примениме политики на промислени политичари кон суштинските прашања, а не кон шминката. Да се потсетиме на вредностите и за нив да се бориме. И врз таа основа да создадеме закони што штитат општествени норми, вредности и лични права, заедно со институции што ги применуваат.
Спротивното веќе го живееме, со политичко водство кое е и последица и креатор на ова образование и национален IQ. Значи не ни треба револуција на свеста, туку обнова на совеста. Личната, политичката и општествената.
Comments are closed for this post.