Премиерот Зоран Заев кој времено треба да ја преземе функцијата министер за финансии до назначувањето на нов министер, денеска изјави дека неговата намера е да ја делигира надлежноста и да ги носи крупните одлуки од кои бенефит треба да имаат граѓаните.
Мојата намера е да ги носам крупните одлуки од кои бенефит ќе имаат граѓаните. Секако, самите раководители на секторите и на единиците си носат свои одлуки. Тие се независни органи како Имотно-правната служба, Управата за јавни приходи, царините и сите други институции кои се под финансии, дури и самите сектори кои се во рамки на Министерството. Имам намера да ја делигирам надлежноста, луѓето да носат одлуки, а притоа да носиме крупни и знајачни одлуки од кои бенефит ќе имаат граѓаните, рече Заев.
Додаде дека утре правниот тим треба да ги предложи сите механизми околу временското преземање на функцијата министер за финансии.
Сите одлуки ќе бидат јавно објавени. Целта е да покажеме една пракса која постои во барем седум држави. Навистина годинава сакаме на економијата да ги максимилизираме ефектите. Довербата секогаш сум ја делигирал со достоинствена доза на храброст и така ќе биде и овој пат во делот на финансиите, рече Заев, додавајќи дека за него е формалност дали документите ќе ги потпишува заменик-министерот, раководителот на секторот,….
Во однос на најавите за ребаланс на Буџетот, премиерот потврди дека ќе има ребаланс, но оти првично треба да се направат потребните анализи и да се види каде се потребни промени во буџетските стапки.
Знам дека одредени буџетски стапки мора да ги промениме. Најголем дел е заради максимализација на капиталните инвестиции. Имаме милијарда ипол предвидени за гасификација и ако не проектираме дополнителни средства, до октомври-декември ќе останеме без пари за реализација на гасификацијата. А сакаме, бидејќи гасификацијата е важен проект во државата. Ако продолжи реализацијата на патиштата и железницата, тука сме да ги следиме сите овие аспекти, рече Заев.
Очекува околу средината на јули да соопштат точни датуми за буџетската процедура.
Comments are closed for this post.