„Поминаа повеќе од две години владеење на Зоран Заев, а железничкиот сообраќај во државата за жал е во тотален колапс”, изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, железничкиот превоз е небезбеден. Наместо ветените посигурен и побрз железнички транспорт, за жал, зголемен е бројот на железнички несреќи. „Сè почести се незгодите на патните премини, сè почести се исклизнувањата на локомотивите и на вагоните од пругите. Вчера се случи една од досега најголемите железнички несреќи во нашата држава, во која, за голема среќа, немаше жртви, но се предизвика огромна материјална штета. Се поставува прашањето што ако на местото на товарниот воз беше патнички воз полн со патници? Колкава ли ќе беше трагедијата? Но дали некој ќе ја преземеше одгворноста? Кој ќе ја преземе одговорноста за цунамито во железничкиот сектор во Република Македонија?”, прашува Стоилковски.
Според него, причините за катастрофалната состојба на железниците во Македонија лежат исклучиво во тоталната незаинтересираност на Владата за овој важен сектор за економијата.
„Нема никакви нови проекти, нема никакви инвестиции и вложувања во железничкиот сектор. Нема инвестиции за одржување и ремонт на пругите, ниту на возовите. Имаме министер за транспорт и врски за којшто гледаме дека предизвикот на овој сектор му е преголем залак.Секојдневно се намалува расположливоста на локомотивите и патничките возови, а со тоа се доведува во прашање и безбедноста на железничкиот сообраќај. За само 2 години преполовен е бројот на исправни возови и локомотиви. Во овој момент целиот патнички железнички сообраќај го вршат новите возови коишто беа набавени од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Застоите на товарниот железнички сообраќај се сериозен проблем за тековното работење на компаниите корисници на железнички услуги, што негативно се одразува на економијата во целина. А негативно се одразува и на работењето на двете железнички претпријатија МЖ Транспорт АД и ЈП МЖ Инфраструктура, коишто нижат милионски загуби, а тука е ФШВ Колска Велес на чии вработени им се должат дури 5 плати“, вели Стоилковски.
Comments are closed for this post.