Албанскиот претседател Илир Мета упати апел до граѓаните на неговата земја да ја зачуваат смиреноста и да не потпаѓаат на провокации „за време на изборите на социјалистите“.
-Ситуацијата е јасна и од страна на изборниот законик и од Уставот. Од вчера, уставниот датум на локалните избори е 13 октомври 2019 година. Што се однесува до 30 јуни, да ги почитуваме и да не се конфронтираме со сите оние сограѓани кои ќе одат на овие социјалистички избори, стои во пораката на Мета.
Според Мета, граѓаните треба да останат смирени и разумни и да не подпаѓаат на какви било провокации, бидејќи тоа ќе биде во прилог на оние кои сакаат да го легитимираат целосното заложништво во коe ја држат земјата и да инсталираат еднопартиски режим.
-Конфронтацијата и насилството не и служат на Албанија и нејзината европска иднина, а особено на нашиот граѓански соживот во секое семејство, во секоја населба, во секое село, во секоја заедница и во целото наше општество, посочува Мета.
Тој нагласи дека на нелегалните избори социјалистите сами ќе гласаат и сами ќе бројат, додавајќи дека „сите Албанци заедно, на демократски начин, тајно, слободно и фер ќе избираат на 13 октомври“.
Претседателот Мета, откако на 8 јуни со указ ги одложи локалните избори, кои претходно ги закажа за 30 јуни, вчера потпиша нов указ со кој истите ги презакажа за 13 октомври.
Премерот Еди Рама му порача дека избори ќе има на 30 јуни и продолжи со изборните актвности, што ги завршува вечерва со митинг во Валона.
Американскиот заменик помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Метју Палмер, вчера попладне изјави дека САД го признаваат 30 јуни како ден за локалните избори во Албанија, а со повикот што денеска го упати до политичките партии да обезбедат мирни и регуларни избори, истиот датум го признава и ЕУ.
Comments are closed for this post.