Македонската економија ќе има најнизок раст во регионот. Меѓународниот монетарен фонд ја намали, проекцијата за економскиот раст од 3.2% на само 1.6%.
Ова е убедливо најниската прогноза за раст на Македонија од некоја релевантна меѓународна финансиска институција.
Подобри од Македонија се– Србија, Албанија и Косово со највисок раст од 4 отсто. Црна Гора ќе оствари раст од 3.7%, Босна и Херцеговина од 3.2%. додека Хрватска очекува економски раст од 2,8 отсто – стои во најновиот есенски извештај на ММФ „Перспективи на светската економија“.
Освен ММФ, и Светска Банка минатата недела ја намали проекцијата за раст на македонската економија на два и пол проценти. Истовремено Владата ја држи оптимизмот дека ќе се остварат првичните проекции за раст од 3.2%.
Немаме никакви причини да се откажеме од проекциите затоа што имаме раст во второто полугодие и го очекуваме растот во третото полугодие. Остануваме на проекцијата од 3,2 проценти раст и ги имаме сите практични причини за тоа, изјави денеска премиерот Зоран Заев коментирајќи ја денеска објавената проекција за економскиот раст на Македонија во есенскиот извештај на Меѓународниот монетарен фонд.
Меѓународните институции ја алармираа Владата во повеќе наврати дека треба што побрзо да го намали јавниот долг кој до крајот на годинава ќе достигне 50% од БДП. Дополнително, бараат парите од задолжувањето да не се трошат за тековни проекти, туку за капитални инвестиции кои треба да се реализираат откако ќе се направат сите детални анализи.
Comments are closed for this post.