Министерството за животна средина и просторно планирање соопшти дека Садула Дураки поднел оставка на функцијата министер поради тоа што е предложен за министер за новото министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.

Ви благодарам Вам и на сите членови на Владата, како и на претставниците во Собранието за искажаната доверба и за доделената чест да придонесам во подобрување на состојбата во животната средина во Република Северна Македонија – наведува Дураки во упатената оставка до премиерот Зоран Заев.

Дураки додава дека додека ја извршувал функцијата се соочил со најголемите предизвици за зачувување и унапредување на животната средина.

Според сегашната состојба, некои од тие предизвици успешно ги надминавме. Јас и мојот тим во изминатиот период макотрпно работевме и го вложивме целото наше знаење и способност во решавање на проблемите, но некои проблеми бараат долгорочен и системски пристап – наведува Дураки.

Тој смета дека некои проекти спроведени за време на неговото раководење ќе остават траен позитивен белег во зачувување и унапредување на животната средина но, како што истакна, во некои области од животната средина се уште сме немоќни да направиме подобрување или одржување.

Дуеаки во оставката истакнува дека Министерството за животна средина располага со стручен кадар кој несебично ќе се вложи и ќе му помогне на новиот тим да креира и да ја спроведува политикате во животната средина и просторното планирање.