Откако вчера владата ги обелодени уставните измени почнаа шпекулациите колку време ќе биде потребно за негова измена.
Според одредбите од Деловникот на Собранието, целата постапка за промена на Уставот, ако се почитуваат крајните рокови, треба да трае околу три и пол месеци.
Постапката за измена на Уставот би одела во три фази. Во првата, Собранието, со двотретинско мнозинство треба да донесе одлука за пристапување кон измена на Уставот. Во втората треба да се утврдат нацрт-амандманите и за тоа е неопходно просто мнозинство или 61 глас. Третата и последна фаза е усвојување на амандманите за што е потребно двотретинско мнозинство или поддршка од најмалку 80 пратеници.
Собранискиот Деловник предвидува од моментот на доставување на нацрт-амандманите во Собранието до одржување на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена.
Претресот за секој нацрт-амандман поединечно може да трае најмногу по три дена и во Комисијата и на пленарната седница, но може да биде завршено и побрзо од максималните рокови.
Собранието со најмалку 61 глас треба да ги утврди нацрт-амандманите, по што тие одат на јавна расправа, чие времетраење го утврдува Парламентот.
По оваа меѓуфаза, Владата треба да ги изготви предлог-амандманите и да ги достави до Собранието. Од моментот на доставување на предлог-амандманите во Собранието до одржувањето на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена.
Предлог амандманите треба да бидат разгледани од Законодавно-правната и Комисијата за уставни прашања, а на крај и на пленарна седница.
Конечната одлука за усвојување на амандманите се носи со двотретинско мнозинство или најмалку 80 гласа. За амандманот на Преамбулата на Уставот освен двотретинско, е потребно и Бадентерово мнозинство.
Кога ќе биде закажана собраниската седница по предлогот за измена на Уставот, одлучува претседателот на Собранието.
Предлог за пристапување кон измена на Уставот
Во целиот текст на Уставот на Република Македонија пред зборот Македонија се додава придавката Северна.
Од Владата појаснуват дека целта на овие измени на Уставот е имплементација на договорот со Грција, со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.
.Измена на преабулата на Уставот
– Заради усогласување на текстот на Преамбулата со договорот со Грција, во Преамбулата ќе бидат извршени соодветни измени, велат од Владата.
Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија при наведувањето на државно-правните традиции, ќе се именуваат конкретни документи на АСНОМ, односно ќе се внесе повикување на Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ, со неговите конститутивни одлуки.
– Целта на овие измени на Уставот е имплементација на Договорот со Грција со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО, посочуваат од Владата
Поцврста гаранција на границата
Во членот 3 од Уставот е регулирано дека територијата на Република Македонија е неделива и неотуѓива. Постојната граница на Република Македонија е неповредлива. Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави. Границата на Република Македонија може да се менува само во согласност со Уставот, а врз принципот на доброволност и во согласност со општо прифатените меѓународни норми.
Овој член веќе беше изменет во 1992 година со Амандманот I, кога беше додаден принципот на доброволност при промена на границата и согласноста со општо прифатените меѓународни норми. Исто така со овој амандман беше декларирано дека Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави.
Грижа за Македонците и дијаспората во странство
Во членот 49 од Уставот е пропишано дека Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив. Републиката се грижи за културните, економските и социјалните права на граѓаните на Републиката во странство. Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.
И овој член беше изменет со Амандманот II во 1992 година ко предвидуваше дека Републиката нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.
Со уставниот амандман кој се предлага ќе се декларира грижа за културните, економските и социјалните права на припадниците на македонскиот народ и сите наши граѓани во странство, без тоа да значи мешање во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи, во било каква форма и заради било каква причина.
Согласно Договорот, Република Македонија и Грција се обврзаа ниту една одредба од Уставот, да не може или не треба да се толкува на начин кој претставува или кога било ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на другата држава, во каква било форма или заради каква било причина, вклучително и заради заштитата на статусот и првата на кои било лица кои не се нејзини граѓани
Comments are closed for this post.