Македонија не бара веднаш да стане членка на Европската унија, но сака по сите вложени напори да и се овозможи отворање на претпристапните преговори, порача премиерот Зоран Заев денеска во своето обраќање на последниот ден од тридневниот Форум Европа -Вахау, кој се одржа во Гетвајг во Австрија.
Во фокусот на дискусијата на последниот ден од форумот, кој почна завчера, беа перспективите на Западен Балкан во однос на неговата целосна интеграција во Европската унија, при што учесниците, меѓу кои и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, заклучија дека за регионот клучна е веродостојната европска перспектива.
Заев нагласи дека Скопје не гледа никаква алтернатива за полноправното членство во ЕУ.
-Веруваме во Европски вредности можеби повеќе и од некои земји членки. Можеме многу да и дадеме на Европа. Ние сме дел од Европа и ги делиме истите вредности. Мора секогаш да имаме на ум дека Европа е формирана за да биде најмоќна заедница. И затоа Европа мора да ги отвори вратите. Веруваме и очекуваме дека оваа година нашата земја ќе добие датум за почеток на преговорите, истакна Заев во одговор на прашањето што би добила ЕУ со членството на Северна Македонија.
Нагласувајќи дека за земјава нема друга алетрнатива, освен членство во ЕУ Заев пред присутните истакна дека Република Македонија направи низа реформи во правосудството, во јавната администрација, како и во безбедносните служби.
-Преку дијалог најдовме решение после 28 години. Создадовме модел за решение и притоа го зачувавме идентитетот на двете страни. И во моментов ги жнееме ефектите од овој договор. Сите земји членки на Унијата, можеме да ги донесеме бенефитите заедно. Петнаесет години сме земја кандидат за членство во Унијата и време е да го преминеме прагот, посочи Заев и додаде дека дури и земјите земји коишто се двоумеа за можноста да се проширува ЕУ полека го менуваат своето мислење.
Comments are closed for this post.