Внимателно го прочитавме соопштението издадено од германската канцеларка г-ѓа Ангела Меркел по состанокот со премиерот, Зоран Заев и не видовме ветување за датум за отворање на преговори помеѓу ЕУ со РСМ. Дури немаше ни заедничка прес-конференција, нешто што е вообичаено за состаноци од такво ниво, велат од Алијанса за Албанците на Зијадин Села.
„Во изјавата на германската канцеларка не се споменуваат зборовите ширење, туку само зајакнување на стабилноста во регионот, во согласност со новата стратегија на француската влада за Западен Балкан. Она што е веќе познато е дека германскиот Бундестаг во септември ќе ги разгледа извештаите за напредокот и препораката од Европската комисија повторена веќе 10 години за отворање на преговори за членство во Северна Македонија. И да не заборавиме дека ЕУ е клуб на 28 земји членки, каде што таквите одлуки се донесуваат со консензус“, стои во соопштението на Алијансата.
Од таму додаваат дека загрижува изјавата на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, кои јавно признаваат дека овој консензус не постои.
„И причините за ова се многу јасни, ако внимателно се анализираат дискусиите во парламентите на Германија, Франција и Холандија. Додека сите се согласуваат дека Северна Македонија направи одлична работа во надворешната политика и добрососедството, тие нагласуваат дека внатрешните реформи целосно се блокирани. Во извештајот за напредокот се забележува дека корупцијата е распространета во многу области и останува предмет на загриженост, како и непочитувањето на независноста на судството и политичко мешање остануваат значителни проблеми. На граѓаните треба да им биде јасно дека ова е главната причина за одложувањето на одлуката за отворање на преговорите. Во согласност со актуелните изјави на премиерот Заев, неуспехот на СДСМ и ДУИ да ги отвори пристапните преговори ова лето треба да го отвори патот за создавање на услови за да се подготви земјата за предвремени избори, како предуслов за создавање на вистинска реформистичка коалиција ослободена од хипотеките на режимот на ВМРО-ДУИ и која ќе има моќ и политичка волја да ја материјализира европската перспектива на северна Македонија“, додаваат од партијата.
Comments are closed for this post.