Американската армија објави видео запис на кој, како што тврди, се гледа како припадници на иранската Револуционерна гарда отстрануваат неексплодирана мина од еден од двата танкери, што беа нападнати вчера во водите на Оманскиот Залив.
Централната команда на Вооружените сили на САД објави и фотографија на која се гледа магнетна мина, за која се тврди дека била прицврстена на нападнатиот јапонски танкер за нафта, пред да ја отстранат припадниците на иранската Револуционерна гарда.
Портпаролот на Командата, Бил Урбан соопшти дека брод на иранската Револуционерна гарда бил забележан како се приближува до јапонскиот танкер вчера во 16.10 часот по локално време.
– Тој е набљудуван и снимен како ја отстранува неексплодираната магнетна мина од танкерот „Кокука Курејџес“, додаде Урбан.
При експлозии вчера беа оштетени норвешки и јапонски танкер во водите на Оманскиот Залив, низ кој минува една од најпрометните траси за транспорт на нафта во светот.
Норвешката поморска агенција соопшти дека биле регистрирани три експлозии на норвешкиот танкер „Фронт Алтер“, како и дека претходно бил извршен напад врз танкер во сопственост на Јапонија.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео уште вчера, повикувајќи се на разузнавачки информации, изјави дека зад нападите врз танкерите стои Иран.
Ваквиот американски став го поддржа и Саудиска Арабија, која соопшти дека се согласува со САД оти нападите се дело на Иран.
– Немаме причини да не се согласиме со американскиот државен секретар Помпео, изјави саудискиот министер за надворешни работи Адел ал-Џубеир, додавајќи дека Иран и „претходно правел вакви работи“.
Техеран од своја страна соопшти дека нема никаква врска со двата инциденти, посочувајќи дека „некој се обидува да ги дестабилизира односите меѓу Иран и меѓународната заедница“.
По двата инциденти цената на нафтата на светските берзи се зголеми за околу четири отсто.
Comments are closed for this post.