Екипата на Торонто репторс го победи Голден Стејт вориорс со 114-110 со што дојде до скор од 4-2 во победи и ја освои титулата во НБА лигата. На тој начин Торонто ја круниса неверојтната сезона во која дојде до својот прв трофеј, но и прва титула за една канадска екипа во најсилната кошаркарска лига на светот.
Како и во целиот плејоф, Торонто беше предводен од својоит најдобар играч, Кавај Леонард, кој беше прогласен за МВП на финалето. Леонард мечот го заврши со 22 поени и шест скокови, но имаше и огромна помош од своите соиграчи кои знаеја како да одиграат во честите моменти кога Леонард беше удвојуван. На Кајл Лаури му недостасуваа три скока за трипл-дабл (мечот го заврши со 26 поени, 10 асистенции и седум скока), Паскал Сиакам мечот го заврши со 26 поени и 10 скокови, а бариерата од 20 поени ја надмина и Фред Ван Флит, кој постигна 22.
За разлика од кошаркарите на Торонто, бранителите на титулата имаа ново поглавје во разочарувачкиот плејоф, особено кога станува збор за несреќата со повредите. Голден Стејт беше без услугите на Кевин Дурант, а последниот пех „воините“ го имаа на 2.22 до крајот на третата четвртина кога при еден обид да забие, Клеј Томсон незгодно се приземји и го повреди коленото. Томспон се обиде да продолжи да игра, но по кратко време мораше да го напушти теренот. Што беше полошо за Голден Стејт, таа повреда на Томсон дојде во време кога токму тој беше во шутерски ритам и со неколку тројки го донесе својот тим во водство од 83-80. Токму Томсон беше најдобар во редовите на Голден Стејт со 30 поени во само 31 одиграна минута. Андре Игудала постигна 22 поени, Стеф Кари имаше 21 поен, а Дрејмонд Грин мечот го заврши со трипл-дабл учинок од 11 поени, 19 скокови и 13 асистенции.
Канадска бајка од соништата
Канадскиот тим го почна патот кон триумфот со трампата во која го доведоа Кавај Леонард пред почетокот на сезоната, по што слесуваше уште една клучна трампа, овојпат за центарот Марк Гасол. Токму Леонард и Гасол донесоа многу искуство и квалитет во решавачките натпревари во плејофот.
Во првата рунда од разигрувањето Торонто беше подобар од Орландо со 4-1 во победи, а во втората рунда падна и Филаделфија со 4-3 дури по, сега веќе легендарниот, кош на Леонард во последната секунда од седмиот дуел. Во финалето на Источната конференција Торонто дојде до триумф со 4-2 во победи, иако стартуваше со заостанување од 2-0 против Милвоки, екипата со најдобар скор во регуларниот дел од сезоната.
Во финалето, против актуелниот шампион, кошаркарите на Торонто го завршија триумфалниот пат со беспрекорно одиграни шест натпревари во кои максимално концентрирано го спроведоа својот план за тоа како да ја неутрализираат играта на големиот и фаворизиран противник. Славеа на сите три натпревари одиграни во Оукленд за освојување на титулата со 4-2 во победи.
Грст рекорди за „рапторите“
Најважниот податок за сите членови на клубот, како и за цела Канада е тоа што Торонто дојде до својата и канадската прва титула во НБА, но освен тој колективен успех, неколкумина членови на тимот дојдоа и до индивидуални признанија.
Прв меѓу нив е најдобриот играч во финалната серија, но и во целиот плејоф, Кавај Леонард, кој го доби признанието МВП на финалната серија. Тоа за него е второто такво признание, по тоа што го освои со Сан Антониот спарс во 2014 година. На тој начин, Леонард им се придружи на Карим Абдул Џабар (Милвоки, ЛА Лејкерс) и на Леброн Џејмс (Мајами, Кливленд), како единствени кошаркари што бичле избрани за МВП на НБА финалето со две различни екипи.
Освоената титула носи единствен подвиг за шпанскиот центар, Марк Гасол, но и за неговиот брат Пау, кои се единствените браќа во историјата што ја освоиле титулата во најсилната кошаркарска лига на светот.
На крај, освоената титула е голем успех и за тренерот Ник Нурс, кој стана деветтиот тренер што во својата деби сезона го одвел својот тим до финалето во НБА. Истовремено, Нурс стана и единствениот кошаркарски тренер што совоил титули во НБА, но и во развојната лига на НБА, каде што Нурс има две титули.
Comments are closed for this post.