Време е Европскиот совет да ја следи јасната препорака на Европската Комисија и да одреди датум за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во Унијата, порача министерката за одбрана, Радмила Шекеринска од Конференцијата за европска безбедност во Гармиш-Партенкирхен.
Работевме, посочи таа, напорно да создадеме аргументи за почеток на преговорите. – Го решивме прашањето со Грција, потпишавме договор со Бугарија и со тоа Северна Македонија е единствената балканска држава која нема отворено прашање со која било од соседите, рече министерката на Конференцијата организирана од угледниот Европски центар за безбедносни студии „Џорџ Маршал“.
Мојата земја, потенцираше, е брилијантен пример за помирување и добрососедство и ми претставува исклучително задоволство што Северна Македонија е на чекор до полноправно членство во Алијансата, со потпишан пристапен протокол и ратификации на овој протокол од повеќе од половина НАТО – земји.
Шекеринска истакна дека земјата е посветена и на домашните реформи – за само 24 месеци, со промената на претходната Влада, демократијата се консолидираше, зацврстено беше владеењето на правото и се навлезе кон решителни процеси на трансформација во сите области – политиките, јавната администрација и општеството.
Во реформските чекори, не беше испуштена ниту одбраната каде беа направени суштински чекори – донесување на клучни, стратегиски документи, грижа за секој припадник на Армијата, развој на интероперабилноста, информираше министерката.
Comments are closed for this post.