Српскиот претседател Александар Вучиќ смета дека добивањето датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ на Албанија и Северна Македонија би била добра вест за двете земји, за нивните граѓани, но и за Србија.
-Тоа би била добра вест за нив и за нивните граѓани. Барем би добиле одредена надеж, што е добро за нив. А она што е добро за нив, добро е и за нас, рече денеска Вучиќ на панелот „Западен Балкан: отстапување од ЕУ?” во Братислава, одговорајќи на прашањето на модераторката Валери Хопкинс, како гледа на европската интеграција на Албанија и Северна Македонија, кои чекаат датум за почеток на преговорите.
Според српскиот претседател, сите лидери на Западен Балкан сакаат нивните земји да влезат во Европската унија.
-Многу работи зависат од нас, но и нешто зависи и од желбата на Унијата. За тоа треба да се биде свесен, дополни Вучиќ.
Оцени и дека многу пречки треба да се отстранат. Во овој контекст истакна дека Србија и Северна Македонија ќе воспостават заеднички граничен премин, што е многу важно. За ова, како што рече, разговарал и со претседателот и со премиерот на Северна Македонија.
Ова ќе стапи на сила за два месеца. Ќе го направиме и со другите соседи. Ќе биде добар чекор напред, кажа Вучиќ, изразувајќи подготвеност за формирање и царинска унија со цел на привлекување инвеститори.
Кога станува збор за европската интеграција на Србија, нашата најголема пречка е Косово, изјави Вучиќ, додавајќи дека во Извештајот на ЕК во врска со економијата немало забелешки, а тоа се однесувало на владеењето на правото, работата на Парламентот.
Но, најважниот дел од Извештајот на ЕК е она што ќе биде со Косово и Приштина. Затоа секогаш сум за потенцијален договор помеѓу Белград и Приштина. Ако тоа го направиме, како блок на нации, територии, земји, многу тоа би можеле повеќе отколку денес. Но, има уште една работа која не зависи од нас, туку е желба на земјите на ЕУ, рече Вучиќ.
Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ кој исто така учествуваше на панелот во Братислава изјави дека за него не постои план Б кога станува збор за Европската унија. Црна Гора стана членка на НАТО и е напредната во европската интеграција за разлика од другите земји. Предупреди дека Балканот мора да биде зона на одговорност на Европа, бидејќи е географски дел од Европа, но исто така и на европски систем на вредности, како и дека на геополитичката сцена има нови играчи.
Кина и Русија ја бараат својата позиција на Балканот, а колку ќе добијат, зависи од тоа колку НАТО и ЕУ ќе им дадат. Затоа, јас ги повикувам НАТО и ЕУ да ја завршат својата работа во регионот, да престанат да повторуваат дека вратата е отворена. Ние во регионот ретко одиме на врата, повеќе одиме низ ѕид и за тоа плаќаме цена, кажа Ѓукановиќ, додавајќи дека е потребна јасна европска политика за земјите од Балканот.
Comments are closed for this post.