Владата е позитивно настроена кон инвеститорите, презеде доста активности, а планот за економски раст е една од нив за кој направија подобрување, оцени денеска Штефан Петер, претседател на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија и претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија.
Тој, во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија, порача дека не сака да дава оценки за Владата на половината на нејзиниот мандат и нагласи дека во „Белата книга“ што Советот за странски инвеститори ја издаде во декември минатата година има неколку препораки кои им се предочени на премиерот и вицепремиерот за економски прашања.
Климата за инвестиции се подобрува чекор по чекор и сметам дека тоа е вистинската брзина со која треба да одат реформите. Сите сакаме брзи реформи, но некогаш е подобро постепено да се направат стабилни реформи за да можат и компаниите да ги следат. Токму затоа, како Совет на странски инвеститори сето тоа го наведовме во „Белата книга“ каде кажуваме какво очекуваме да биде бизнис опкружувањето и стабилноста во владеењето на правото, а не одевме со општи клаузули што треба да се поправи во тие сегменти, рече Петер.
Потсети дека премиерот во неколку наврати дека 2019. ќе биде економска година и оти неговиот фокус ќе биде насочен кој економијата.
Мислам дека веќе направи неколку чекори во изминативе месеци. Очекуваме тоа да продолжи со засилено темпо до крајот на годинава, но и во 2020 година. Секогаш ги замолувам моите колеги да бидат потрпеливи затоа што економскиот раст не доаѓа од еден во друг месец, туку се потребни години. Сите заедно – домашните компании, странските инвеститори и Владата треба да работиме во таа насока, посочи Петер.
Нагласи дека не е фан на статистиката која, како што рече, се однесува на нешто што се случило претходно и ако го насочите правецот може да манипулирате со статистичките податоци.
Реалната економија доаѓа и од чувството да се погледнат луѓето кои се на улица и кои работат, а не само што е презентирано во официјалната статистика од Државниот завод за статистика. Мислам дека бранот на добрата економија во ЕУ е добра почетна точка за добра економија и во Северна Македонија. Секогаш преферирам да ги земам добрите бројки од статистиката и да бидам оптимист, отколку да ги земам негативните и да бидам песимист во поглед на економијата, нагласи Петер.
Comments are closed for this post.