Kапитенот на македонската репрезентација, Кире Лазаров, имаше само пофални зборови за овој неверојатен успех на „црвено-црните“.
Ова е бајка, приказна за која ќе се зборува со години. Вардар стана симбол дека е возможно и она за што сите велат дека не може да се случи. Вардар стана инспирација на сите луѓе во светот, не само на спортистите, туку на сите аутсајдери, да сфатат дека во животот е најважно да верувате во себе, крваво да работите и да ја дадете и последната капка пот за остварување на своите соништа. Пред две години, при првата титула, Вардар имаше силен тим, но ова сега е нешто сосема поинакво. Лесно ни е сега да се правиме паметни, но тие играчи седум-осум месеци не земале плата, само тие знаат како им било да тренираат и играат во такви услови“ – истакнува Лазаров за хрватскиот портал „Индекс“.
Според Лазаров, Вардар мора да биде пример за сите млади спортисти што се мора да се направи, да се издржи, за да се успее во кариерата.
Вардар испрати моќна порака до младите спортисти, дека нема оправдувања, дека ниедно алиби не важи. Како управата не чини, како се нема пари, соиграчите се вакви или такви, противниците имаат поголеми буџети… Вардар докажа дека се е возможно и оваа приказна мора да биде патоказ за младите луѓе дека треба да се верува во чуда. Неверојатно ми е како во таа година дена без пари не дојде до конфликт, не се наруши хемијата во тимот, туку напротив, уште повеќе ги зближија сите што се дел од клубот. Таквиот карактер им ја донесе титулата“ – потенцира Кире Лазаров.
За Лазаров не е изненадување ниту големиот пад на играта на Барселона во полуфиналната пресметка со „вардарци“.
Минав четири години во Барселона, тој клуб е институција, идеален тим да се игра во него кога се е во најдобар ред и се победува. Меѓутоа, проблемот настанува кога ќе се влезе во лош ритам, како што тоа беше во случај во второто полувреме со Вардар, тогаш Барселона целосно се губи на теренот. Се сеќавам пред неколку сезони, кога на меч со Фленсбург во завршницата влеговме со предност од пет гола, но на крајот загубивме. И тоа не е проблем само на ракометарите на Барса, сведоци сме како загубија и фудбалерите во Лигата на шампионите од Рома и од Ливерпул во последните две сезони“ – анализира македонскиот капитен
Comments are closed for this post.