Актуелнито НБА шампион, Голден Стејт вориорс славеа на гости против Торонто репторс со 109-104 во вториот натпревар од финалната серија. Со овој триумф, „воините“ го изедначија резултатот на 1:1 во победи во финалната серија и ја презедоа предноста на домашниот терен.
Како што е вообичаено, најдобри во редовите на Голден Стејт беа Клеј Томсон со 25 поени, пет скокови и пет асистенции и Стеф Кари со 23 поени, три скокови и чеири асистенции, но најважниот потег го направи Андре Игудала. Тој мечот го заврши со само осум поени, но погоди тројка на шест секунди до крајот, со што предноста на својот тим од два поени ја подигна на конечните пет и целосно ги сруши надежите на домашните кошаркари дека во финишот може да се изборат барем за продолжение.
Кај Торонто, одлична партија пружи Кавај Леонард со 34 поени, 14 скокови и три асистенции, но тоа не беше доволно за да се надмине, пред се, лошата ефикасност во ударите за три поени на кошаркарите на Торонто, кои погодија само 11 од 38 обиди.
Третиот натпревар од финалната серија се игра ноќта вторник кон среда во три часот наутро, а домаќин ќе биде Голден Стејт.
Comments are closed for this post.