По повеќе од две години пауза, актерот Владо Јовановски се враќа на сцената во неговиот матичен театар МНТ. Јовановски ќе игра во претставата „Бесачи“ по текст на актуелниот британско – ирски автор Мартин Мекдона, а ја режира бугарскиот режисер Јавор Грдев.
Интересно е и тоа што на сцената во МНТ како дел од актерската екипа во „Бесачи“ по неколку годишна пауза се враќа и актерката Камка Тоциновски. Таа и Јовановски кој беше дел од движењето „За заедничка Македонија“ важат за жестоки критичари на актуелната власт.
Во 2017-та симната од репертоар „Папагалот Историко“ во која играше Јовановски
Во 2017-тата година претставата во која играше Владо Јовановски ,„Папагалот Историко“ беше симната од репертоарот во Драмскиот театар.
Реков, повелете дојдете, додека не е тргната, како никогаш да не била, како никогаш да не постоела.. И глеј чудо, сабајле ме известија дека нема да се игра утре… Откако дојде животот и слободата во Македонија, не мора да си видовит, за да ги гледаш однапред работите.. Не дека сум изненаден, ова го кажувам, чисто за да се забележи…Поздрав и секое добро! И утре има ден!“, објави тогаш Јовановски на фејсбук.
Тогашниот директор на Драмски, Сашо Тасевски рече дека била продадена само една карта и затоа ја откажале изведбата.
Прва соработка на Грдев со МНТ
Во новата претсавата „Бесачи“, која е театарски камбек за Јовановски ќе играат и Никола Ристановски, Кире Ѓоревски, Јордан Симонов, Дарја Ризова, Благој Веселинов, Ѓорѓи Јолевски, Славиша Кајевски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Александар Михајловски, Нелко Нелковски, Трајче Ѓоргиев. Премиерата се очекува кон средината на месец септември 2019 година и ќе биде одиграна на големата сцена во МНТ.
Авторот на текстот, Мартин Мекдона, е познат по неговите црни комедии кои се поставени во голем број театри низ светот. „Сакатиот од Инишман“, „Поручникот од Инишмор“, „Човек перница“, „Убавицата од Линејн“, а за неколку од нив е и номиниран на престижните награди „Тони“ и „Лоренс Оливие“. Тој не е само драматург со одлична креативна моќ, туку е и етаблиран сценарист и режисер на филмовите: „Six-Shooter“, „Во Бриж“ и „Седум психопати“.
Во светот на театарот, тој е познат по тоа што вовел нов жанр, таканаречениот „in-your-face theatre“ (театарски правец со презентирање на бесрамно агресивни, вулгарни или провокативни текстови), а неговите драми и сценарија се крајно духовити и сурово реалистични. За бугарскиот режисер Јавор Грдев ова е прва соработка со МНТ. Тој е еден од најзначајните бугарски и современи европски театарски режисери. Досега поставил повеќе од 35 театарски претстави во повеќе земји низ Европа и добитник е на повеќе од 45 награди.
Овојпат Грдев го одбира текстот „Бесачи“, кој за првпат ќе биде поставен пред македонската публика.
Основната причина што текстот „Бесачи“ го поставувам на сцената на Македонскиот народен театар е што театарот располага со актерски ансамбл кој е во состојба да понесе проект со таква тежина. Уште од 2015 година ја имам во предвид оваа пиеса и трагав по соодветно место и ансамбл кадешто ќе ги имам сите можности за поставување на таков голем проект. Друга, многу важна, мотивација за поставување на овој текст е неговата тема. Пиесата се занимава со тема која привидно веќе е решена и во Македонија и во Бугарија, а и во многу други држави. Станува збор за смртната казна, но Мекдона почнал да се занимава со темата откако таа веќе била излезена од фокусот на јавноста. Причината за тоа е што тој верува дека покрај укинувањето на смртната казна, сепак, човечките инстинкти и импулси за насилство продолжуваат да го водат и да го владеат човековиот дух. Во таа смисла, ние секојдневно во нашето општество сме сведоци на акти на насилство на еден човек кон друг и како такви тие многу добро се опишани во пиесата“, објаснува режисерот Грдев.
Comments are closed for this post.