Косовскиот министер за инфраструктура Паљ Лекај на денешната владина седница информира за привршувањето на работите на автопатот „Арбен Џафери“, што го поврзува косовскиот главен град со границата со Македонија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Лекај потврди дека свеченоста за пуштањето во употреба на последната делница од косовскиот дел од автопатот Приштина – Скопје ќе се одржи на 29 мај.

Премиерот Рамуш Харадинај по седницата изјави дека за настанот се информирани надлежните институции во Македонија и Албанија, а премиерите на двете земји, Зоран Заев и Еди Рама, се добредојдени доколку сакаат да присуствуваат на церемонијата.