Групата Социјалисти и Демократи во Европскиот парламент, испрати писмо со честитка до претседателот на СДСМ, Зоран Заев за победата на претседателските избори.

Од страна на групата Социјалисти и Демократи во Европскиот парламент јасно е потенцирана нивната поддршка за нашата земја на патот кон ЕУ и поддршка на политиките на проширување на Унијата кон Западен Балкан.

„Ве уверуваме дека групата Социјалисти и Демократи ќе остане ваш силен поддржувач и веќе имаме идеи за идна блиска соработка“, стои во писмото, кое е потпишано европратениците Тања Фајон, Виктор Бостинару и Кнут Флекенштајн.

Групата европарламентарци од социјалистите и демократите го истакнува значењето на соработката помеѓу Парламентот на Република Северна Македонија и Европскиот парламент како „витален инструмент за подготовка на земјата за проширувањето на ЕУ“.

Во писмото, групата Социјалисти и Демократи во Европскиот парламент до претседателот Заев упатува благодарност за добрата соработка во изминатите пет години за кои се наведува дека „не секогаш биле лесни времиња, но дека постојат значајни успеси, пред се Договорот од Преспа“.