Од 7 до 16 часот во вторник за време на Апостолската посета на Папата Франциск ќе има посебен режим на сообраќање на возилата од јавниот превоз, соопшти ЈСП Скопје.
Линиите 3, 3Б и 25 воопшто нема да бидат во функција, а превозот ќе биде бесплатен за сите граѓани.
Од Јавното претпријатие информираат дека поголем дел од линиите ќе имаат изменет режим на сообраќање, како и дека нема да работат билетарниците, ниту Жичарницата на Средно Водно.
На веб страната на ЈСП Скопје www.jsp.com.mk може да се види детален опис на движење на сите линии кои ќе сообраќаат по изменет режим од вообичаениот.
Координативното тело за организирање на посетата на папата минатата недела извести дека ќе бидат воведени посебни правила за движење на автомобили и пешаци во Скопје за време на посетата на папата.
Од Владата, пак, апелираат граѓаните навреме да го планираат времето за движење во центарот на Скопје и да користат јавен превоз.
Comments are closed for this post.