Најнеизвесни избори од осамостојувањето на Македонија до денес, најтесна разлика во прв круг и бројни прашања за анализа кои се наметнуваат по вчерашниот ден.

Каква порака испратија гласачите, дали СДСМ нема контрола врз ДУИ, дали нешто не штима во владејачката коалиција, зошто албанските гласачи не беа мотивирани да излезат на гласање – ги разочараа досегашните политики или концептот за консензуален кандидат?

Аналитичарот Агим Јонуз вели дека актуелната ситуација е еден букет од причинско последични консеквенци во кои данокот е скапо платен во вид на разочарување од бројките кои што произлегуваат.

Агим Јонуз

„Јавна тајна е дека во СДСМ не цветаат рози, а реално ниту во ДУИ. Гласачкото тело беше предмет на агресивна кампања од страна на опозицијата во која на најсилен можен начин го разниша ткивото во  делот на довербата во актуелната власт дека нешто работи. Од друга страна зад завесата на претседателските избори се стекнува впечаток дека најмалку битни се претседателските кандидати. Зад завесата се игра тивка војна за превласт и водење на водите во текот на предвремени парламентарни избори. Ако се водиме по бројките од првиот круг се забележуваат две нешта: разочараност и индиферентност  и второ оној квантум на излезност вели дека силата на позицијата во однос на опозицијата е разнишана. Во зависност од наредните две недели, задкулисните игри, квалитетно одиграниот ПР и политичките калкулации, што подразбира ценкања и пазарења можеме серизоно да сметаме дека предвремените парламентарни избори се „ante portas“, анализира Јонуз.

Тој смета дека Македонија е пред портите на можна политичка криза.

„Не колабираше концептот за консензуален кандидат, туку колабираше квалитетното политичко аналитичко последично размислување и нивото на свест кај гласачкото тело кое дефинитивно е сито од изџвакани фрази, но за жал и недоволно еволутивно позитивно. Кога го велам ова подразбирам дека гласачкото тело треба подобро да размисли кои се реалните потреби и приоритети на државата. Во наредните две недели „биче весело““, додава Јонуз.

Професорката Мирјана Најчевска пак смета дека резултатите укажуваат на тоа дека граѓаните не се задоволни од тоа како владејачката коалиција управува со државата.

Мирјана Најчевска

„Резултатите на некаков начин покажаа не дека нешто не штима во коалицијата СДСМ и ДУИ туку дека единствено граѓаните не се во основа задоволни од она што го видоа во изминатите две и пол години од управувањето на таа коалиција со државата. Дел од граѓаните на албанската заедница на овој начин сакаат да испратат порака до ДУИ дека таа не е партија во која што имаат доверба и која ги претставува нивните интереси.  Во овој случај не станува збор за самиот кандидат кој што е понуден од владејачките партии, туку за односот на граѓаните кон тие партии. Од друга страна имаме една маса од граѓани која што воопшто не се труди да ги анализира предлозите од партијата која ја симпатизираат. Симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ кого и да го предложи нивната партија тие ќе го гласаат. Имаме судир од една страна на веќе освестени граѓани и од друга страна луѓе кои што се уште живеат во затворен свет на едноумие“, вели  Најчевска.

Пратеникот од коалицијата предводена од СДСМ,  Павле Богоевски, по вчерашните избори вели дека е време за сериозна работа пред вториот круг, но и време да се научат лекциите од првиот круг.

Павле Богоевски

 

„Време е за сериозна работа пред вториот круг, но и уште посериозно размислување за лекциите кои треба да ги научиме од денешниот ден“, напиша вчера Богоевски на фејсбук.