Гласањето на првиот круг од претседателските избори се одвива во најдобар ред, без сериозни неправилности, а одзивот до 13 часот изнесува 20,8 проценти, покажуваат информациите од набљудувачите и регионалните канцеларии на граѓанската асоцијација МОСТ.
Само на две гласачки места се забележани изолирани неправилности, рече на прес-конференција Златко Димитријоски, претставник на МОСТ. На гласачкото место 2805/1 во општина Центар во Скопје на почетокот од гласањето биле откинати три ливчиња заедно со серискиот број од кочанот. На гласачкото место 1385/1 во Прилеп, пак, како што наведе Димитријоски, откако еден гласач гласал било увидено дека не бил запишан во Избирачкиот список, но тој гласал заедно со неговата сопруга која била запишана во Избирачкиот список и која се потпишала во него.
Димитријоски соопшти дека според податоците добиени од ПВТ програмата (паралелно сумирање на гласовите), која претставува математичко-статистички научен метод, одѕивот на гласачите до 11 часот е 11,2 проценти, до 12 часот е 15,9 проценти, додека до 13 часот е 20,8 проценти.
Следната прес-конференција на МОСТ ќе се одржи во 19 часот.
МОСТ го следи денешното гласање со над 1.500 набљудувачи. На 1.160 гласачки места избрани според случаен и репрезентативен примерок, распоредени се исто толку набљудувачи, со што се покриени 33 отсто од вкупниот број гласачки места во државава.
На претходната прес-конференција, пак, МОСТ ги демантираше информациите дека било прекинато гласање поради неработење на УВ ламба и за графит со политички графит, а кои наводно ова било известено на нивната прес-конференција.
Според нивните информации гласачкото место 2344 не се отворило до 10 часот, па на тоа место гласањето нема да се одржи. На гласачкото место 0531 во с. Здуње, Гостивар, член на ИО откинал три ливчиња од кочанот заедно со серискиот број и тие биле искористени за гласање. Била повикана општинска комисија, направен е записник и гласањето продолжило.
Comments are closed for this post.