Грција бара од Германија да и исплати воени отштети за материјалните штети и кражби, репарации за жртвите и роднините на жртвите, отплата на окупаторскиот заем и враќање на украдените археолошки и црковни богатства за време на двете светски војни, се наведува во извештајот на Интерпарламентарниот комитет, за кој денеска на пленарна седница ќе расправа и ќе решава грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.
Претседателот на Собранието на Грција, Никос Вуцис ја оцени денешната седница како „историски момент за грчкиот Парламент“, нагласувајќи дека станува збор за „морална, политичка и историска обврска што актуелниот Парламент, нема друг избор, освен да ја исполни“.
На пленарната седница, по расправата во која збор ќе земат претставници на Владата и политичките партии, Парламентот ќе донесе одлука врз основа на извештајот.
Според Вуцис, по седницата, грчкиот Парламент ќе ги информира сите европски парламенти за одлуката на Грција да ги бара германските долгови.
Извештајот на Интерпарламентарниот комитет од 2016 година е на 348 страници, ги содржи ставовите и позициите на партиите членови на Парламентот, детално ги објаснува грчките позиции, а ги споменува и одржаните 13 седници заклучно со 27 јули 2016, кога Комитетот го одобри извештајот.
На почеток треба да се истакне дека барањето се однесува и на двете светски војни (Првата и Втората). Според ова, подготвено е мислењето на Интерпарламентарниот комитет. Исто така, треба да се истакне дека, како што произлегува од низа документи, извештаи, писма, вербални ноти и други дипломатски активности, усни изјави, итн., Грција никогаш не се откажа од нејзините генерални барања од Германија, пишува меѓу другото во Извештајот.
Comments are closed for this post.