Доскорешниот постојан претставник на Република Македонија при Советот на Европа во Стразбур, Петар Поп-Арсов добил отказ од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Отказот му бил даден на 6-ти март, и тоа во време на распишани претседателски избори.
Поп-Арсов ја потврдува информацијата.
Да, точно е дека ми беше врачено Решение за престанок на работниот однос на 6-ти март оваа година. Истото е врачено за време на распишани претседателски избори, со што е прекршен членот 8-а од Изборниот закон. Во моментот постапката се наоѓа пред второстепен орган на државната управа, односно Комисија за решавање по жалби и приговори во рамки на Агенцијата за администрација, која што својот дел од работата го стави во мирување, повикувајќи се токму на членот 8-а од Изборниот закон. На овој начин, индиректно се става до знаење дека имаме прекршување на Изборниот закон од страна на сите инволвирани структури кои што ја спроведоа постапката во рамки на Агенцијата за храна и ветеринарство“, вели Поп-Арсов во изјава за Макпрес.
Амбасадорот е подготвен да го тера случајот до Судот во Стразбур, ако овде правдата не биде задоволена.
Не би сакал да коментирам за детали од овој случај ниту пак за тоа во кој правец понатаму ќе се одвиваат работите. За таа цел ќе оставам предметот својот епилог да го добие пред второстепениот орган, евентуално пред македонските судови или доколку е потребно и пред Судот во Стразбур. Што се однесува до односот спрема мене во Агенцијата за храна и ветеринарство можам само да кажам дека, и покрај бројните барања и иницијативи за вклученост во работата, целосно сум игнориран и ставен на страна од актуелното раководство, без да ми биде доделена ниту една работна задача, од моето враќање во Република Македонија и Агенцијата за храна и ветеринарство“, нагласува Поп-Арсов.
Инаку Поп Арсов претходно беше и пратеник во Собранието, во периодот меѓу 2008 и 2011 година.
Во меѓувреме министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски, изрази загриженост оти преговарачките тимови за пристапниот процес кон ЕУ не можат да се состават. Ова, според Поп-Арсов е лицемерие.
„Во однос на констатацијата на министерот Манчевски за недоволните капацитети на македонската администрација, би можел да кажам дека се работи за изјава која ја отсликува реалната состојба во јавниот сектор, но во исто време претставува изјава која содржи значителна доза на хипокризија. Начинот со кој во моментот се води и управува јавниот сектор создава зголемена конфузија, неорганизираност и немотивираност кое дополнително придонесува за ослабнување на и така кревките капацитети на македонската администрација. Сметам дека не се работи за недостаток на квалитетен кадар, напротив, квалитетен кадар има, но се работи за недоволно искористување на квалитетните кадровски капацитети поради несоодветно раководење и управување со институциите како резултат на транзицијата на власта и сите останати процеси кои што се случуваа во последните неколку години“, категоричен е Поп-Арсов.
Comments are closed for this post.