Генералштабот на Армијата најостро ги осудува сите обиди за нејзино инволвирање во дневно политички цели и интереси. Армијата е институција која континуирано е со највисок рејтинг во општеството и препознаена од сите граѓани во нашата држава.

Ова се вели во денешната реакција од ГШ на Армија по, како што стои, зачестеното објавување написи во некои електронски медиуми и изјави во кои се посочува Армијата во обид на нејзино инволвирање и ставање во контекст на дневно политички цели не става во ситуација каде чувствуваме потреба да реагираме на ваквите активности.

Генералштабот ќе продолжи фокусирано да ги спроведува предвидените реформски процеси во Армијата согласно високите НАТО стандарди, воедно грижејќи се за зачувување на безбедноста на граѓаните, суверенитетот и државниот интегритет на нашата држава, стои во реакцијата од Генералштабот на Армијата.

Почитувањето на Уставот, законите и институциите во општеството, се подвлекува, се основата на демократските вредности преку кои е изразена волјата на граѓаните, при што Армијата е гарант на тие вредности.

Генералштабот, кој раководи и командува со Армијата нема да дозволи било какво инволвирање за дневно политички цели и интереси на поединци во институциите и политички субјекти во општеството. Армијата и раководството е свесно и очекува наскоро граѓаните да го изберат новиот Претседател и нивен Врховен командант, а од сите политички субјекти да добие вистинска поддршка и достоинствен третман за подобрување на условите за живот и работа на нејзините припадници во функција на исполнување на дефинираните критериуми и стандарди како 30 членка на НАТО алијансата, се вели во денешната реакција од Генералштабот на Армијата.