Младите охриѓани имаат капацитет да бидат носители на многу позитивни промени во нашиот град, тие се важен ресурс за иновации и развој. Нашата цел е да ги мотивираме да се вклучат во заедничката мисија да го направиме Охрид посакувано место за живеење и да создадеме услови за подобра иднина. Тоа денеска пред медиумите го порача Констатин Георгиески, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Охрид.
Според него, градењето партнерство меѓу општината и младите е единствениот начин на кој ќе потврди исправната политика, насочена кон задоволување на вистинските потреби.
Имаме конкретни планови со кои ќе ја подобриме положбата на младите во Охрид. Ќе отвориме канцеларија за млади што ќе биде посветена на младите луѓе во сите сегменти на општественото живеење. Ќе ги вклучиме и ќе ги консултираме младите во донесување на одлуките на локално ниво, а ќе работиме на проекти за едукација, професионална надградба и личен развој на младите во општината“, рече Георгиески, појаснувајќи дека канцеларијата ќе функционира како локален сервис за младите граѓани и како оперативно тело на локалната самоуправа со задача да ги афирмира младите охриѓани и да ги вклучи во општественото делување.
Истовремено, како што нагласи, канцеларијата ќе работи и како креативен центар што ќе има за цел да им помага на младите во нивната професионална ориентација и да ги поттикне да се активираат во културниот и спортскиот живот на општина Охрид.
Канцеларијата ќе има за цел да го промовира значењето на волонтерската работа, да дава поддршка на младинските иницијативи и проекти, да изнаоѓа начин за нивно финансирање. Таа ќе биде и главен иницијатор за креирање на општинска Стратегија за млади“, рече кандидатот Георгиески.
Comments are closed for this post.