Полицијата во јужниот француски град Марсеј уапси петмина српски државјани осомничени дека во период од неколку месеци извршиле 150 грабежи на вили на подрачјето на Тулон, предизвикувајќи штета која се проценува на 300.000 евра, јавува дописникот на МИА.
Притворените пет лица утре треба да бидат изведени пред истражен судија под обвинение за „грабеж од страна на организирана група” и за „членство во криминална група”.
Сите приведени се членови на едно семејство и тоа жена, нејзините син и двајца внуци и сопругата на едниот од нив.
Истрагата започнала уште лани во ноември врз основа на потерницата издадена од страна на судија од Тулон.
Осомничените ги вршеле кражбите во побогатите квартови на Тулон во текот на ноќните часови и тоа во куќи за кои занеле дека во моментот нема никој.
Тие дејствувале во група од по четворица, при што еден стражарел, втор насилно ја отворал вратата, а останатите двајца ја ограбувале куќата, земајќи луксузни кожни производи, аудио и телевизиски уреди, скап алкохол, накит и пари.
Овие лица веќе и биле познати на полицијата. Тие живееле во Марсеј и грабежите во Тулон најверојатно ги почнале од лани во јули.
По приведувањето на осомничените, полицијата извршила претрес на нивниот дом, каде пронашла само мал дел од пленот, но потврди за пратени пари во Србија.
Comments are closed for this post.